На состанокот на Форум на ракометните клубови во норвешкиот главен град, Осло, беа најавени неколку можни промени во европските купови.
Најважната се однесува на системот на натпреварување во Лигата на шампионите во машка конкуренција, но од сезоната 2026/27, бидејќи следната ќе се игра според актуелниот систем – две групи по осум екипи.
Оваа промена ја засега и Македонија, која го загуби директното место во елитната конкуренција, а со новиот систем сигурно ќе има место и за нашиот шампион.
Според најавата, регуларниот дел од сезоната треба да се игра во шест групи по четири екипи, што значи шест кола дома-гости. Прво и второпласираната екипа ќе продолжат во главната рунда од ЛШ (вкупно 12), додека трето и четвртопласираните екипи за да не ја завршат за кратко време евро-сезоната, ќе продолжат во Лигата на Европа.
Во главната рунда би требало да има две групи по шест екипи, односно 12 и ќе бидат одиграни по десет кола дома-гости. Нема да има осминафинале и директен пласман во четвртфиналето за првиот и вториот, туку најдобрите осум од двете групи ќе вкрстат меѓусебе по принципот А1-Б4, А2-Б3…за да се добијат патниците на завршниот турнир во Келн.
Овој предлог допрва треба да биде разгледан, а потврдата за промената ќе ја донесе Извршниот Комитет на ЕХФ на некој од следните состаноци оваа година.
Македонскиот првак Еурофарм Пелистер оваа сезона игра одлично и се наоѓа на чекор до место во осминафиналето. Од групната фаза на битолчани им остануваат уште гостувањата кај Фуксе Берлин и Спортинг Лисабон, како и домашните натпревари со Динамо Букурешт, односно ПСЖ.
За сезоната 2025/26, Македонија е рангирана на 11 место, и само со вајлд-карта, македонскиот шампион ќе може да биде дел од елитната конкуренција од септември.