Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер на гостувањето во Скопје кај Пролет славеше со 37:23 во натпревар од 16. коло од суперлигашкото друштво. Комбинираниот составот на Раул Алонсо немаше поголеми проблеми да дојде до 14-та победа во оваа сезона
Воведниот дел мина во голема борба, а по пет минути игра на семафорот имаше две петтки. По нерешените 2:2, гостите од Битола направија одлична серија од 5:0, дојдоа до 7:2 и до крајот лесно се справуваа со домашиот тим, иако во одредени периоди имаа осилации во играта.
Еурофарм Пелистер умешно ги казнуваше грешките на Пролет, се одлепи на 13:5, додека тимот на Александар Јовиќ успеа до паузата да ја преполови негативата, а во солидно светло се покажаа младите Андреј Стојановски, Виктор Додевски, Андреј Глигоров…
Битолчани се опуштија во завршниот дел од првото полувреме и на пауза заминаа со предност од плус четири, 17:13. Резултатската „нишалка“ до 40-та минута беше 4 до пет гола разлика за гостинскиот тим, потоа домаќините кренаа раце, па така пелистерци постепено ја зголемуваа предноста.
Најефикасен на натпреварот беше членот на Еурофарм Пелистер, Ненад Костески, кој зад своето име запиша десет гола и покажа дека полека се враќа во форма по повредата. Листата на стрелци кај Пролет беше предводена од искусниот Ласко Андоновски со пет гола, четири имаа Андреј Стојановски и Андреј Глигоров.