Денеска во спортската сала „Автокоманда“ ќе се одигра суперлигашкиот бараж дуел меѓу екипите на Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш. По овој дуел ќе биде познато дали младиот тим од Битола ќе продолжи следната сезона да биде дел од елитата, или Радовиш по едногодишна пауза ќе се врати во најквалитетното натпреварување во Македонија.
Влогот за двете екипи е голем, но Еурофарм Пелистер 2, кој во суперлигашкиот плеј-аут заврши на 3. позиција, е истканат фаворит на денешниот бараж дуел.
Радовишани, кои завршија на второто место во прволигшакиот плеј-оф, се надеваат дека денеска ќе можат да ги искористат слабите страни на битолчани.
„Времето за анализа беше кратко, но со самото тоа дека минатата година игравме во Супер лигата, го знаеме добро противникот. Опасни се од сите позиции. Најголема опасност доаѓа од бековските позиции кои се покриени со одлични брзи, технички подготвени играчи за игра еден на еден и шут од надвор, имаат брза транзиција и агресивна одбрана. Ќе ни биде пеколно тешко. Но како и секоја екипа имаат одредена слабост, која ќе се обидеме да ја искористиме максимално“, изјави тренерот на Радовиш, Александар Долдуров.
Од таборот на Еурофарм Пелистер 2 се свесни за фаворитската улога, но и претпазливи, бидејќи Радовиш во својот тим има неколку искусни ракометари.
„Екипата на Радовиш е млада екипа потпомогната со искусни играчи како Постолов и Стојановски, кои имаат и суперлигашко искуство. Станува збор за екипа која ја краси борбеноста на секој меч до самиот крај. Сепак мислам наша предност е тоа што игравме Супер лига каде екипите се доста поквалитетни и тоа искуство кое го собравме во тие натпревари, треба да ни биде од значајна корист во натпреварот“, изјави тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Михаил Петровски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш ќе се одигра со почеток од 16:00 часот.
Долдуров: Еден натпревар е – се може да се случи, ќе се бориме до последниот атом!
Петровски: Радовиш е борбена екипа, но ние не бегаме од фаворитската улога