Ingvild Kristiansen BAKKERUD and Kari BRATTSET DALE, Netherlands vs. Norway, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 07.12.2024, Mandatory Credit © Uros Hocevar / kolektiff

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Полуфинални борби на ЕП – еве што очекуваат ракометарките и селекторите

Денеска во Виена ќе се одиграат полуфиналните натпревари на Европското првенство 2024, на кое еден од 24-те учеснички беше и репрезентацијата на Македонија.

Првото полуфинале, кое е на програмата од 17:45 часот, го сочинуваат Унгарија и актуелниот бранител на златото, репрезентацијата на Норвешка.

Иако Норвешка ќе биде фаворит во првото полуфинале, сепак, од таборот на Унгарија се надеваат на победа.

„Ние имаме свој план. Ќе дадеме сѐ од себе за да одиграме на посакуваното ниво, да ја одиграме нашата игра. Во полуфиналето ќе играме без никаков стрес или притисок врз нас, бидејќи Норвешка влегува како фаворит”, изјави селекторот на Унгарија, Владимир Головин.

Селекторот на Норвешка, Торир Хергеирсон, имаше пофални зборови за унгарската репрезентација, нагласи дека ги почитуваат сите ривали.

,,Не е изненадување што Унгарија е во полуфиналето. Тие градат тим долги години. Имаа добри играчи од младинската и од јуниорската репрезентација. Имаат навистина добар тим, така што заслужено стигнаа во полуфиналето. Ние ги почитуваме сите наши ривали”, изјави Хергеирсон.

Второто полуфинале го сочинуваат Франција и Данска, а актуелниот светски првак групната и главната фаза ја заврши со максимален учинок, па поради тоа ќе биде благ фаворит против скандинавската селекција.

Една од најдобрите ракометарки во редовите на Франција, универзалниот бек Тамара Хорачек, истканува дека ќе има голема борба меѓу двете репрезентации.

,,Треба да останеме силни како што бевме од почетокот на Европското првенство. Данска е одлична репрезентација, но ние не сме играле против нив од Светското првенство 2021. Знаеме дека ќе има голема борба на теренот, а ние се подготвуваме токму за вакви дуели”, изјави Хорачек.

Кружниот напаѓач на Данска, Катја Камп, вели дека ќе биде тешко да се игра против „триколорките“.

,,Франција е силна репрезентација, има многу квалитетни играчи, сите од нив можат да одиграат на различни позиции, никогаш не знаете на што треба да бидете подготвени против таков состав и имаат големо искуство од играње вакви натпревари.

На минатото Европско првенство златото го освои Норвешка, среброто Данска, додека третопласирана беше Црна Гора.