Дабески и Петковски постигнаа 22 гола, Драчево во финишот ги освои бодовите против Шампион

Тимот на Драчево предводен од Филип Дабески и Димитар Петковски славеше на гостувањето кај Шампион со 36-33 во последниот натпревар од 9 рунда од прволигашката конкуренција.

Шампион парираше во најголемиот дел од мечот, но попушти во финишот кога гостите ја направија клучната предност за да остварат победа.

На пауза Драчево водеше со 19-18, во продолжение се играше најчесто гол за гол до 28-28, кога гостите постигнаа три гола во серија и до крајот ја задржаа предноста за трите бода.

Петковски и Дабески постигнаа по 11 погодоци во овој триумф на Драчево, додека Дука имаше шест реализации. Во составот на Шампион се истакна Христијан Сибиновски со осум и Стефан Огненовски со седум погодоци.

Драчево сега се израмни со Јехона на втората позиција на табелата и полека може да размислува за плеј-офот, додека Шампион останува четврти со 15 бода.