19 Mај 2002 година со златни букви е запишан во историјата на македонскиот спорт и македонскиот ракомет. Кометал Ѓорче Петров и понатаму е единствената женска екипа од нашата држава која може да се пофали дека ја освоила престижната Лига на шампионите.
Составот предводен на клупата од Александар Панов, а на теренот од легендарната Индира Кастратовиќ, пред 22 години на 19 мај, го победи Херц Ференцварош со 26-22 во реванш финалниот натпревар и за првпат во историјата, капитенот Гордана Нацева го крена пехарот.
Претходно тимот на Кометал играше во финалето против Хипо во 2000 година, на истиот датум беше одигран првиот меч во Виена, кој беше загубен со девет разлика, 32-23, па и покрај победата во реваншот, македонскиот тим не успеа да ја освои титулата.
Шансата против унгарскиот Херц, кометалки не смееја да ја пропуштат, бидејќи цела држава беше со нив. По минималниот пораз во Будимпешта, македонскиот тим славеше во реваншот со 26-22 и ја надмина негативата. Романката Луминица Дину царуваше на голот, а Индира Кастратовиќ на теренот. Подоцна Кометал ЃП повторно стигна до меч за трофеј, но загуби од данскиот Шлагелсе, пред да прекине со функционирање во 2009 година. Сега тимот повторно е активен и веќе три години по ред е шампион во Женската лигата.
15 Ракометарки кои играа на легендарните натпревари против Херц се: Дину, Калиниченко, Кастратовиќ, Платон, Велкова, Бујанова, Чупиќ, Будимир, Кисељова, Андрушенко, Нацева, Малахова, Пласницкаја, Боева и Златановска.
ИНТЕРВЈУ ТРИФУН КОСТОВСКИ: Кометал Ѓ.П. е како прва љубов, а таа не се заборава никогаш!