Црна Гора со победа ги започна подготовките за ЕП

Репрезентацијата на Црна Гора во пријателски натпревар славеше против Романија со 38:28 во рамки од првата фаза од подготовките пред настапот на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија.

Црна Гора во дуелот со Романија беше предводена од екс ракометарот на Металург, Василије Калуѓеровиќ, кој заедно со Милош Вујовиќ постигнаа по девет погодоци. Солиден на голот на црногорската репрезентација беше поранешниот голман на Струга, Никола Матовиќ. Некогашниот стружанец дуелот со заврши го седум интервенции.

Избраниците на Владо Шола на континенталниот собир за ривали ги имаат репрезентациите на Србија, Унгарија и Исланд. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза на ЕП.

Австрија првата контролка ја одигра против Португалија и успеа да триумфираа со седум гола разлика, 34:28. Двете репрезентации во следниот период ќе одиграат уште неколку контролни средби.

Австриците на Европското првенство во јануари ќе играат во група со Шпанија, Хрватска и Романија, додека Португалија за ривали ги има Данска, Чешка и нашиот јужен сосед.

Шведска, која ќе биде меѓу главните фаворити на Европското првенство во Германија, на тест средбата со Украина немаше многу проблеми и триумфираше со 46:26.

Пријателски меч одигра и репрезентацијата на Швајцарија, но и покрај одличниот Портнер, швајцарците загубија од Тунис со 31:22.

Во рамки од Златната лига, репрезентацијата на Шпанија неочекувано лесно ја совлада Холандија со 39:28, додека Данска го доби дуелот против Норвешка со 27:24.