Цинцадзе „полуде“ на голот, Грузија остана во игра за СП

Репрезентацијата на Грузија остана во игра за пласман на Светското првенство 2025, откако денеска на првиот натпревар против Австрија од баражот за Мундијалот минимално загуби со два гола разлика, 27:25 (12:12).

Избраниците на Тите Каланадзе дадоа силен отпор против Австрија, беа подобар ривал во најголемиот дел од првото полувреме, но во вторите 30 минути составот на Пајовиќ заигра поангажирано и стигна до победа.

Зураб Цинцадзе, кој во својата кариера настапуваше за македонските суперлигаши Прилеп и Охрид, блескаше меѓу стативите, натпреварот го заврши со дури 20 одбрани, додека во нападот предводник беше Гиорги Цковребадзе со осум погодоци.

Членот на Охрид, левиот бек Теимураз Орјоникидзе зад своето име имаше четири реализации и неколку асистенции кон своите колеги.

Во репрезентацијата на Австрија, голманот Константин Местл заврши со 15 одбрани, додека искусниот Себастијан Фримел ја предводеше листата на стрелци со осум погодоци.

Реванш натпреварот меѓу Грузија и Австрија ќе се одигра на 12 мај, по што ќе биде познато која од двете репрезентации ќе освои билет за Мундијалот.