Чурлиновска: Верувам во победа на реваншот и пласман во четвртфиналето!

Ракометарките на Ѓорче Петров в сабота ќе го одигра реванш дуелот против Хазена Кинжварт во рамки од осминафиналето во Европскиот Куп.

Ѓорчепетровки на првиот одигран дуел триумфираа со 32:29 и во чешкиот град Чеб ќе ги бранат трите гола предност.

Голманката Матеа Чурлиновска верува во победа на реванш дуелот и во пласман меѓу најдобрите осум екипи во третото по ранг европско натпреварување.

,,Најпрво, сакам да упатам честитки до моите соиграчки за победата и борбеноста на првиот натпревар, иако се играше многу брзо и гол за гол, сепак, се изборивме за победа од три гола разлика, која не е многу голема, но ни дава многу стимул за нова победа на реванш дуелот и мотивација повеќе да одиграме како што треба, да покажеме дека можеме многу повеќе од играта на првиот дуел. Верувам дека и таму ќе се радуваме на победа и на пласман во четвртфиналето од Европскиот Куп”, изјави Чурлиновска.

Младата голманка е задоволна од досега прикажаното на домашна и европска сцена.

,,Јас сум премногу задоволна од досега прикажаното, како на домашна сцена, така и во европски рамки. Секој натпревар си носи свои грешки и падови. Јас во Ѓорче Петров дојдов во оваа сезона, одлично сум прифатена и ми се допаѓа системот на работа. Сите сме мотивирани оваа сезона да ја оствариме нашата цел на домашна сцена, а тоа е освојување дупла круна. Немаме одредени граници, најважно за нас е да прикажеме добар и квалитетен ракометар, пред сѐ да уживаме во играта, да го дадеме најдоброто од себе, а резултатите секако ќе бидат со позитивен исход доколку тоа се примени”, заврши Чурлиновска.

Реванш натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Хазена Кинжварт ќе се одигра на 20 јануари со почеток од 18:00 часот.