Македонскиот шампион Ѓорче Петров во недела ќе го одигра реванш дуелот против белгискиот Ојпен во Европскиот Куп.
Ѓорчепетровки на првиот одигран натпревар триумфираа со 45:39 и се многу блиску до пласман во осминафиналето од третото по ранг европско клупско натпреварување.
Голманката Матеа Чурлиновска ги истакна своите очекувања за реванш дуелот и најави дека со својот тим атакуваат на уште една победа.
,,На секој натпревар очекуваме победа и влегуваме фокусирани сѐ со цел спроведување на претходно договореното и со голема дисциплина во играта. Се надевам дека со сето тоа ќе ја подобриме играта и ќе ја постигнеме нашата цел. Без разлика на предноста што ја стекнавме во првиот дуел, ние на реванш натпреварот почнуваме од почеток. Не сакаме и нема да си дозволиме луксуз, не размислуваме на пораз, ниту пак на реми, одиме само на едно, а тоа е победа и подигнување на самодовербата за претстојните наторевари”, изјави Чурлиновска.
Избраничките на Симе Симовски во првиот дел имаа пропусти во одбраната и му дозволија на Ојпен да постигне 39 погодоци.
,,Искрено на натпреварот кој се одигра на гостински терен се постигнаа многу погодоци, бидејќи играта беше доста динамична, ние имавме одредени пропусти во одбраната каде што не го испочитувавме во целост нашиот договор, но за овој дуел направивме подетална анализа на нашите грешки каде што ќе се обидеме истите да ги поправиме и да ја зацврстиме одбраната”, додаде Чурлиновска.
Младата голманка се надева на повторување на ланскиот успех во европски рамки, но и на повисок пласман доколку се укаже прилика.
,,Оваа сезона ни оди одлично и секако не размислуваме да застанеме тука. Целта е јасна за сите нас, желбата и мотивот сѐ уште поголеми за подобрување на ланскиот успех. Целиме кон четвртфинале, но зошто и да не направиме и нешто повеќе. Атмосферата во тимот е на високо ниво, позитивно и со нетрпение го очекуваме реванш натпреварот со Ојпен. Мотивирани сме максимално, тренираме напорно и веќе имаме јасна слика како треба да изгледа нашата игра”, вели Чурлиновска.
Таа ги повика сите навивачи на Ѓорче Петров, но и љубителите на ракометот да бидат голема поддршка на реваншот.
,,Во мое име и името на клубот ги поканувам сите наши навивачи како и љубителите на ракометот да дојдат во сѐ поголем број, да ни дадат поддршка, ние им ветуваме борбена игра и позитивен резултат, односно победа. Ќе ни биде чест и задоволство да играме пред домашната публика и да овозможиме да се радуваме заедно”, заврши Чурлиновска.
Реваншот меѓу Ѓорче Петров и Ојпен е закажан за утре во спортската сала „Автокоманда“ со почеток од 20:00 часот.