Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер загуби со 38-28 во третото коло од Лигата на Европа на гостувањето кај Гумерсбах.
Битолчани парираа петнаесетина минути, но низата грешки во финишот на првиот дел беше клучна за домашните да се одлепат и да направат солидна залиха, која ја дуплираа во второто полувреме.
Тренерот на пелистерци, Лино Червар, се надева дека неговиот тим ќе одигра поинаков натпревар на средбата во Битола.
„Знаевме однапред дека денеска нè очекува многу тежок натпревар. Во првите 15 минути игравме добро и бевме рамноправни, но особено во второто полувреме Гумерсбах го покажа целиот свој квалитет. Сосема е нормално дека кога ќе го прикаже сиот свој потенцијал на теренот, тогаш е и подобриот тим. Се надевам дека на реваншот ќе одиграме поинаков натпревар“, вели Червар.
Тренерот на Гумерсбах, Гудјон Валур Сигурдсон е задоволен по триумфот.
„Момците денеска одиграа многу добар натпревар и беа максимално концентрирани. Бевме многу трпеливи во одбраната, како и во играта седум на шест во првото полувреме. Тоа навистина добро го направивме и на тој начин создадовме добри шанси. Од друга страна, бевме многу ефикасни, направивме малку грешки и имавме добра реализација на ударите. Потоа полека успеавме да ја зголемуваме предноста за неколку гола, па затоа сум многу, многу задоволен и среќен со оваа победа“, изјави Сигурдсон.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде вториот меч со Гумерсбах на 17 ноември во „Боро Чурлевски“.
























