Еурофарм Пелистер со пораз се враќа од Германија

Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија на гости кај Гумерсбах со 38-28 во мечот од третото коло во Лигата на Европа. Пелистерци парираа одлично петнаесетина минути, па имаа мал пад во играта што беше искористен максимално од домашните за да направат плус шест, битолчани намалија на минус три, но момците на Сигурдсон казнија две технички грешки за пет гола залиха за вториот дел, 20-15. Во вториот дел Гумерсбах не дозволи камбек на битолчани, Биоска одбрани тоа што требаше, бековите на домашните уште повеќе се разиграа и немаше никаква надеж за пелистерци да се вратат со подобар резултат од Германија.

Пелистерци поведоа со 2-0 со головите на Серафимов и Ристевски, а Митревски фати и пенал на Рогановиќ, но Гумерсбах ги казни двете промашувања на битолчани и направи пресврт, па по седум минути беше 5-3 за домашните.

Червар ја форсираше играта „седум на шест“ на стартот на мечот, а тоа даваше плод со асистенција до Пешевски или Ристевски, или беше изнудуван пенал. Еурофарм Пелистер израмни на 5-5, а во продолжение се играше гол за гол.

Душебаев беше меѓу најекспонираните ракометари на Гумерсбах и им задаваше проблеми на пелистерци, а по дваесетина минути Червар мораше да бара тајм-аут, кога Гумерсбах отиде на плус четири, 13-9. Беше 10-9, следуваа две грешки во додавањата и два погодока на празен гол, па две одбрани на Облинг, и со серија од четири гола домаќинот направи солидна залиха. „Црната серија“ ја прекина Кузмановски со гол од пенал за 14-10.

Беше највисоки плус шест за Гумерсбах, 16-10, со два врзани гола на Кузмановски се намали негативата, 17-14, но повторно две грешки и домашните отидоа на плус пет, 19-14. Имаше уште по еден гол на двете страни пред паузата.

Во вториот дел немаше многу возбудувања на теренот, домашните се разиграа уште повеќе, па погодуваа и со цепелини, а голманот Биоска исто така имаше солидна партија. Червар му даде шанса на Татар на лев бек, кој врза три гола по ред, шанса доби и Белистојаноски, а Хеидарирад не дозволи предноста на домашните да оди во недоглед.

Кузмановски даде седум гола за Еурофарм Пелистер, а Ристевски и Видомски стрелаа по четири пати. Голманите Хеидарирад и Митревски комбинираа 11 одбрани, а кај домашните се истакнаа Душебаев со девет, како и Хоржен и Рогановиќ со по шест погодоци.

Следен предизвик за битолчани ќе биде домашниот натпревар со Гумерсбах во Битола на 17 ноември, кога ќе ја продолжи битката за место во елиминациите на ЛЕ.