Легендарниот грузиски репрезентативец и еден од најдобрите странци што играле на македонско тло – Реваз Чантурија, се враќа во Македонија. По три години и ангажманите во Германија и Косово, Грузиецот ќе работи во Еурофарм Пелистер 2 и ќе биде дел од стручниот штаб на Бранислав Ангеловски.
Вториот битолски тим отвори ново поглавје од ова лето, донесе неколку засилувања, а Ангеловски формираше и свој стручен штаб.
Чантурија во 2004 година дојде за првпат во Македонија како член на грузискиот тим Шевардени Тбилиси, која играше против Металург во ЕХФ Купот и остана цели 19 години. Шест сезони мина грузиското десно крило во Автокоманда, до 2010 година. Потоа настапуваше една сезона во Вардар, па една во Пелистер, пред да замине во Струмица, каде остана четири сезони.
Одново беше во Битола, таму мина три сезони, па по една во Струга и Металург, а во 2020 дојде во Прилеп. Во овој клуб беше меѓу најдобрите стрелци, а тогаш се проба и како тренер и му донесе опстанок во елитното друштво.
По епизодата во Германија во Цвикау во 2023 година, каде беше и играч и асистент тренер, Чантурија отвори нова етапа во кариерата – се посвети само на тренерската кариера и минатата полусезона работеше во Беса во Косово, а сега се враќа во Македонија и во Битола.























