Бошњак: Струга ми даде сѐ што му е потребно на еден млад играч

Еден од најдобрите стрелци во досегашниот тек од сезоната во Супер лигата, црногорскиот интернационалец Мерис Бошњак, кој го носи дресот на Струга, од натпревар во натпревар е сѐ подобар и подобар.

Бошњак во Македонија настапува веќе две сезони, првата сезона ја помина во вториот тим на Еурофарм Пелистер, но малата минутажа е причина да ја промени клупската средина во летниот трансфер период и да се пресели на брегот на Охридското Езеро, односно во Струга.

Младиот ракометар трансферот од Добова (Словенија) во Еурофарм Пелистер 2 го смета како погрешен чекор во неговата кариера, но затоа во Струга гледа како полн погодок и отскочна даска на клупски план.

,,Ова ми е веќе втора сезона во Македонија, искрено се чувствувам како да сум дома. Многу убаво ме прифатија и многу сум им благодарен за тоа. Битола е град кој живее за ракометот, исто така и клубот Еурофарм Пелистер, кој е многу добро организиран и има големи амбиции, но мислам дека едноставно сето тоа дојде во погрешен момент за мене. После настапите во Битола решив да ја прифатам понудата на Струга, каде што уште од самиот почеток се пронајдов и можам да кажам дека бев одлично прифатен, од луѓето во управата, па од страна на играчите и на сите инволвирани лица во овој клуб. Јас навистина се трудам да им вратам колку што можам и се надевам дека сите ќе се радуваме на големи успеси. Трансферот во Струга го сметам како правилна одлука, бидејќи клубот ми го даде сето она што му е потребно на еден млад играч”, изјави Бошњак.

Црногорецот е задоволен од неговите настапи во досегашниот тек од сезоната и истакнува дека македонското првенство е меѓу најдобрите на Балканот.

,,Не можам да бидам незадоволен, од првиот ден на подготовките сме синоним за тимот и на теренот и надвор од него, мислам дека тоа е една од главните причини зошто добро функционираме. Првенството во Македонија е меѓу најсилното на Балканот, посебно плеј-оф натпреварувањето, едноставно има мноgu клубови кои од година во година прават големи вложувања и сакаат да имаат забележителни резултати”.

21-годишниот ракометар на 51. издание на турнирот во Струга беше прогласен за најдобар стрелец. Токму на Струшкиот турнир Бошњак покажа дека поседува огромен репрезентативен потенцијал и во неговите настапи во Македонија ќе се потруди да се покаже во уште подобро светло за еден ден да стигне во сениорскиот табор на Црна Гора.

,,Секако дека сум задоволен со настапот на Струшкиот турнир, како и со добиеното признание за најдобар стрелец. Тоа за мене претставува голема мотивација за понатамошниот дел од кариерата. Овој турнир е голем доказ за тоа колку луѓето во Македонија го сакаат ракометот, се надевам дека повторно ќе заиграм на отвореното игралиште. Што се однесува до репрезентацијата, тоа е сон на секој спортист, јас ќе направам сѐ што е во моја моќ, ќе се трудам, ќе го давам максимумот, повторно велам, тоа е еден сон на сите нас, и секако, повик во репрезентацијата би зналело остварување на детскиот сон”.

Струга е на добар пат да обезбеди пласман во плеј-оф фазата, но за исполнување на целта ќе треба да го даде максимумот на наредните натпревари.

,,Мислам дека може да оствариме нешто повеќе, освен пласман во плеј-офот. Тоа го покажавме во неколку наврати во натпреварите, но сега моментално прва и единствена цел ни е пласманот меѓу најдобрите осум екипи. Во зависност од тоа како ќе бидат работите по регуларниот дел од сезоната, ќе си поставиме понатамошни цели.

Десниот бек направи споредба на словенечката и македонската лига и опиша како го поминува слободното време во Струга.

,,Првенствата во Словенија и Македонија се најдобрите на Балканот, мислам дека во Словенија работат многу добро со млади играчи, но за атмосферата на трибините и љубовта кон самиот спорт во Македонија не треба да се прави никаква споредба, затоа, доколку треба да бирам каде е поубаво да се игра, секако би рекол во Македонија. Струга како Струга е многу убав град, слободното време го поминувам со пријателите, но искрено во текот на сезоната нема многу простор за прошетки, патувања…па покрај тренинзите сакам да се дружам со пријателите”, заврши Бошњак.

Бошњак беше избран за МВП на 4. коло од суперлигашката конкуренција, а на девет одиграни натпревари постигна 49 погодоци.