Бојаниќ: Охрид покажа дека може со секога да се надигрува, очекуваме победа и три бода

Ракометарите на Охрид во недела ќе бидат пред тежок предизвик во разигрувањето за титулата и битката за излез во Европа, бидејќи во „Билјанини извори“ во рамки на 4-тото коло од плеј-офот гостува актуелниот лидер на табелата и вицепрвак од претходната сезона.

Двата клуба досега ги одмериле силите шест пати и на сите поуспешен бил тимот од Автокоманда.

Кружниот напаѓач на Охрид, Владимир Бојаниќ, вели дека ги очекува неизвесен и возбудлив дуел, но дека тие тренираат напорно и се подготвени за предизвикот.

„Ние како и за секој напревар, така и за овој, се подготвуваме максимално. Ни доаѓа вицепрвакот, екипа која играше во Европа и имаше силни дуели, но ние сме подготвени да дадеме се од себе и да победиме. За да го постигнеме тоа треба да изиграме цвсто во одбраната, а во нападот да ги намалиме техничките грешки. Сметам дека доколку на теренот го спроведеме зацртаното трите бода овој пат ќе останат во Охрид. Да не ја заборавиме и публиката која многу пати покажала дека е наш осми играч на теренот и многу пати била наш ветер во грб. Очекувам и на овој важен натпревар да биде така и јас ги повикувам во што поголем број да дојдат во салата и на крајот сите заедно да славиме“, изјави кружниот напаѓач на охриѓани.

Ракометарите на Охрид одлично го отворија плеј-офот. Во првите две кола остварија важни победи над Бутел и Струга, додека во третото коло иако загубија од шампионот Еурофарм Пелистер, покажаа дека може да парираат и на посилните. Моментално охриѓани се наоѓаат на третата позиција на табелата.

„Останува болката за тој пораз во Битола, требаше да освоиме макар бод, иако бевме блиску да ги земиме сите три, цел натпревар бевме рамноправен противник, ниту еднаш не не’ надиграа, ни тактички, ни физички. Бутел иако тесно сепак го победивме, победивме и во езерското дерби со Струга. Со сите можеме да се носиме, мислам дека сме квалитетна екипа, дека можеме да се надигруваме со секоја екипа во Македонија, а се надевам дека тоа ќе биде и во Европа. Сега пред нас е овој важен дуел за кој се надевам дека ќе помине добро и во наша корист, а потоа ќе одиме од натпревар во натпревар и се надевам дека на крајот сите заедно ќе се радуваме во остварување на нашата цел“, истакна Бојаниќ.

Дуелот меѓу Охрид и Алкалоид ќе се одигра во недела, 3 март, во спортската сала „Билјанини извори“, со почеток од 18:30 часот.