Битола ќе види тројца европски шампиони

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по триумфот на Вардар го очекува нов тежок натпревар, но овојпат во Лигата на шампионите.

Во Битола ќе гостува францускиот првак ПСЖ, кој е предводен од некогашниот стратег на Вардар, Раул Гонзалес.

Во тимот на ПСЖ што ќе допатува во Битола, би требало да бидат и тројцата европски шампиони – Никола и Лука Карабатиќ, како и Елохим Пранди. Тие со Франција го освоија златото на Европското првенство во Германија по триумфот на Данска.

Битолчани немаат шанси за прогрес во осминафиналето, а ПСЖ се бори за повисоко место и избегнување на елиминациите.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ ќе се игра на 14 февруари во „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.