Бергендал се повреди, настапот на Мундијалот неизвесен?

Искусниот репрезентативец на Шведска и актуелен член на Магдебург, Оскар Бергендал, би можел да го пропушти Светското првенство во јануари.

Швеѓанецот на натпреварот против Гумерсбах заработи повреда, откако незгодно доскокна по дуелот со противничкиот ракометар Јулијан Костер, го превитка зглобот на левата нога и мораше со носилка да биде изнесен од теренот.

До овој момент нема информација дали станува збор за посериозна повреда и колку ќе трае паузата на Бергендал, но според германските медиуми, не се работи за наивна повреда.

Во текот на вчерашниот ден, селекторот на Шведска, Микаел Апелгрен, го објави списокот за СП 2025, а меѓу 18-те ракометари го смести и Бергендал, кој дресот на својата репрезентација го носи од 2017 година.

Шведска на Мундијалот за ривали во групната фаза ги има репрезентациите на Шпанија, Чиле и незгодната Јапонија.