Барселона им се врати на победите, триумфираше кај Висла Плоцк

Каталонскиот гигант Барселона им се врати на победите во Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Полска кај Висла Плоцк славеше со 28:25 во натпревар од 7. коло во елитата.

Барселона во претходното коло беше поразена од ривалот за првата позиција во групата Б, тимот на Веспрем, но со денешните освоени бода се израмни со унгарскиот шампион на табелата, двете екипи сега имаат по 12 бода.

Ракометарите на Барселона полека се „загреваа“ во првото полувреме, имаа целосна контрола на резултатот, на моменти водеа и со четири гола разлика, но најчесто нивната предност беше од два до три гола разлика.

Висла Плоцк единствено го имаше расположениот хрватски репрезентативец Тин Лучин, но неговите погодоци не беа доволни за да се направи нешто повеќе. Левиот бек во првиот дел постигна пет погодоци и немаше голема поддршка од своите соиграчи.

На полувреме резултатот беше 15:11 во корист за гостите, кои на слично ниво го одиграа вториот дел, постојано ја одржуваа резултатската предност од првиот дел и се израдуваа на 6-от сезонски триумф.

Овие две екипи следниот викенд ќе ја имаат втората пресметка, а домаќин овој пат ќе биде Барселона, која ќе атакува на нова победа.

Најефикасен во составот на Барселона беше Дика Мем, постигна седум погодоци, Кај Висла Плоцк се истакна Тин Лучин со осум погодоци.