Aзија доби нов шампион – Јапонија ја симна Кореја од престолот по 12 години!

Селекцијата на Јапонија е нов шампион на Азија, откако ја совлада Јужна Кореја во финалето на континенталното првенство.

Јапонките по малку изненадувачки славеа над фаворитот Јужна Кореја со 25-24 во интересна завршница, иако Корејките водеа со три гола на паузата, 12-9.

Последен пат Јапонија беше на тронот во 2010 година, а потоа шест пати по ред Кореја го освојуваше златото.

На 20 одржани Азиски првенства досега, Кореја дури 16 пати освои злато, а има уште две сребра и две бронзи.

Во битката за третото место Казахстан го совлада Иран со 28-24, а овие четири селекции се пласираа на СП 2025 во Германија и Холандија.