Тимот на Астибо имаше победнички старт на новата сезона во Женската лига и со огромна заслуга на Марија Анчева славеше на гости кај Скопје со 30-28.
Левиот бек постигна 16 погодоци, од кои само еден беше од пенал на овој натпревар и го водеше младиот штипски тим до првите бодови.
Таа продолжува со одличните партии, кои ги имаше во текот на целата мината сезона и беше најдобар стрелец во Женската лига.
Штипјанки имаа плус четири во неколку наврати во првиот дел, но дозволија Скопје да се врати во игра, да направи пресврт и да поведе во два наврати со по еден гол.
Сепак набрзина Астибо го неутрализираше камбекот на домаќинките, успеа да поведе со 27-23 и до крајот рутински ја задржа предноста за први бодови.
Покрај Анчева, во штипскиот состав по четири гола дадоа Павловска и Манева, а кај Скопје се истакнаа Петровска и Стојановска со по пет гола.