Некогашната ракометарка на Вардар и германска репрезентативка, Ања Алтхаус, ќе се врати во националниот тим на Германија, но во поинаква улога.
Алтхаус, која беше медија менаџер на машката и женската репрезентација на Македонија, како и дел од стручниот штаб на Кристијан Грчевски, отсега ќе биде тим-менаџер на Германија.
Таа ќе ја преземе функцијата пред стартот на Европското првенство 2024, каде Германија ќе биде во група со Холандија, Исланд и Украина во австрискиот град Инсбрук.
„Ова е огромна чест за мене. Играњето во националниот тим секогаш беше најдоброто нешто за мене. Фактот дека можам повторно да работам за Германија и нашата репрезентација ме исполнува со гордост и голема радост. Ќе го пренесам сето мое искуство“, изјави Алтхаус.
Таа потекнува од Магдебург, играше за Трир, потоа за Виборг со кој освои две титули во ЛШ, играше три сезони за Вардар, со кој беше дел од Ф4 во Будимпешта, а кариерата ја заврши во унгарскиот Ѓер.
Во Македонија беше дел од тимот на Скопје, а работеше и со Златко Мојсоски во женската репрезентација во ракомет на плажа.