Искусниот словенечки интернационалец Јака Малус (28) во следните две сезони ќе биде играч на Вардар, откако го потпиша договорот со најтрофејниот македонски ракометен колектив. Игра на позицијата среден бек и зад себе има големо искуство во играње во Лигата на шампионите и Лига на Европа.
Се наоѓа на поширокиот список на репрезентацијата на Словенија, а ги има поминато и сите младински селекции и настапувано на младинските европски и светски првенства во младите возрасни категории.
Потекнува од познатата ракометна школа во Словенија од каде се излезени многу ракометари што играат на таа позиција. Почнувајќи од Целје, преку Мешков Брест, па шпански Синфин и до германски Гепеинген и словенечки Слован, тој ја гради успешната играчка кариера во која има освоено 18 трофеи. Има 6 титули во Словенија, шестпати бил освојувач на Купот на Словенија, и четирипати го освојувал Супер купот на Словенија. Додека беше дел од Мешков, двапати беше првак на Белорусија.
Последен клуб му е амбициозниот Слован од Љубљана кој веќе го освои Купот, а има амбиции да биде и првак на Словенија. На последниот настап во Купот на Словенија, Јак Малус беше прогласен за МВП на турнирот.
Во сезоната 2020/2021 играше во четвртфиналето на Лигата нашампионите. Со екипата на Гепинген во сезоната 2022/23 играше на Ф4 турнирот во Лига Европа и го освои бронзениот медал.
Досега Вардар ги потврди ангажманите на десниот бек Марек Марцинијак, левото крило Мамаду Кеита, голманот Милош Валах, како и кружните напаѓачи Кристијан Анастасовски и Виктор Јанковски. Заминуваат Хансер Родригез, Марко Срдановиќ, Томислав Јагуриновски, Ларс Коиј и Михаил Аларов.
Активни договори за наредната сезона со Вардар има левото крило Марио Стојановски, кружните напаѓачи Томче Стојановски и Милан Лазаревски, средниот бек Марио Танкоски, десните крила Гоце Георгиевски, Ален Ќосевски и Мигел Пинто, голманите Васил Гогов, Мигел Еспиња и Марко Богдановски, десниот бек Кристијан Стаменковиќ…
На крајот на оваа сезона им истекуваат договорите на Ашраф Маргели, Младен Крсманчиќ, Нилтон Мело, Вуко Борозан, Матија Николиќ, Стефан Петриќ…