Тимот на Аеродром се врати во трка по место разигрувањето за титулата, откако на домашен терен потешко од очекувањата го победи составот на Куманово со 26-23. Гостите водеа во поголем дел од мечот, имаа и контрола, потоа беа во негатива од четири гола, но пак се вратија во игра. Кога требаше комплетно да се вратат, Аеродром погоди два пати во серија и веќе немаше ниту време, ниту сили кај кумановци за нов камбек.
Аеродром сега има 12 бодови, исто колку Струга која е четврта и која има меч помалку во Супер лигата, а тимот на Дарко Петровски ќе остане во трката за плеј-оф билет. Гостите отворија со водство со 2-0 преку Димитров и Цветковски, и до крајот на првото полувреме не ја испуштија предноста. Аеродромци израмнија на 2-2, беше и 3-3, но домашните ниту еднаш не поведоа.
Во продолжение се играше со грешки и нереализирани шутеви, но како одминуваше времето, така Куманово ја преземаше контролата на теренот и успеа да се одлепи на плус три, 7-4. Беше и 10-7, но Аеродром во финишот на полувремето успеа да се врати во натпреварот и со головите на Костов и Митревски да намали на 10-9. Сепак на паузата имаше плус два, 11-9.
Домашните на стартот на вториот дел израмнија на 11-11, потоа голманот Димитријески врза неколку одбрани и Куманово одново беше на плус три, 14-11. Аеродром во продолжение ја стегна одбраната и Павличковски беше одличен.
По 15-13 за Куманово, домашните направија комплетен пресврт и со голот на Анѓелковски поведоа за првпат во мечот, 16-15. Гостите имаа голем пад во играта и Аеродром успеа да ги казни сите грешки со лесни голови за 22-18. Останаа да се играат уште шест минути до крајот на мечот, и кумановци не се откажаа од борбата за позитивен резултат. Со серија од четири гола по ред израмнија на 22-22 и најавија возбудувања до крајот.
Но Костов од пенал и Митревски со лесен гол од контра му донесоа на Аеродром плус два, 24-22 и веќе немаше назад за Куманово. Следуваше уште една грешка на гостите, Аеродром казни и за 25-22 и потврдена победа која ги остава домашните во место за ТОП 8.
Најдобри поединци во победничкиот состав беа Костов со 12 гола и Митревски со четири, додека кај Куманово по пет пати погодија Даневски и Тасевски. Во следното коло Аеродром ќе игра на гости кај Тиквеш, додека Куманово ќе ја пречека Струга.