Македонија ги повлече судиите и делегатите од СЕХА лигата!

Во новата сезона на СЕХА лигата од Македонија ќе има само екипи, но не и официјални лица. Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија уште на седницата одржана во јуни донесе одлука со која се замрзнува учеството на судиите и делегатите на натпреварите во СЕХА лигата во новата сезона. Канцеларијата во Загреб била информирана за одлуката за замрзнување на учеството на нашите официјални лица.

Донесената одлука да се „замрзне“ учеството на македонските судии и делегати на натпреварите од регионалната СЕХА лига, е се додека не се исправат некои правни недоследности во договорот кој македонската куќа на ракометот го има со СЕХА.

Тоа значи дека почнувајќи од четвртфиналните средби од минатата сезона што ќе се играат во август, па и во новата сезона, нема да има наши судии и делегати на дуелите од регионалното натпреварување. Одлуката не се однесува на екипите, па РФМ ќе ги пријави Вардар и Еурофарм Пелистер за учеството во СЕХА и следната сезона.

На 21 август во Битола гостуваше тимот на Мешков кој играше против Еурофарм Пелистер, а на 26 август во Скопје гостува ППД Загреб кој ќе го игра првиот четвртфинален меч против Вардар. Победниците од овие двомечеви ќе се пласираат на Ф4 турнирот во Задар што е закажан за почетокот на септември.

Иако сега е само одлука за судиите и делегатите, веќе се шпекулира дека е можно од следната сезона клубовите од Македонија да не добијат дозвола да играат во СЕХА лигата, па после 10 сезони регионалното натпреварување да остане без петкратниот освојувач на лигата.