Машката репрезентација на Македонија влегува во нов квалификациски циклус, овојпат за пласман на Европското првенство во 2028 година.
Целта е јасна – продолжување на континуитетот на настапи на големите натпреварувања, традиција што македонската селекција ја одржува повеќе од една деценија.
Во првите две кола од квалификациите, избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе се соочат со Луксембург на домашен терен, а потоа ги очекува гостување во Грција. Две победи на стартот би биле одлична основа за продолжување на патот кон континенталниот собир.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, очекува репрезентацијата да ги оправда амбициите и да обезбеди уште едно учество на Европско првенство. Тој смета дека Македонија има квалитет и искуство за да се надигрува и со Грција, која во последниот период покажа дека може да биде сериозен противник.
„Се собравме две седмици пред почетокот на квалификациите за ЕП 2028. Ни следат два меча, еден на домашен терен со Луксембург, по што ќе следи и гостувањето во Грција. Селекторот Лазаров во следната седмица ќе го објави списокот. Накратко ќе кажам дека ќе направиме сè ова да биде практика и во иднина – да одржуваме прес-конференции на кои ќе говориме за нашите планови и амбиции. Играме во група во која Шведска е фаворит. Грција е незгоден ривал, што во последните година-две покажа дека може да се носи со сериозни репрезентации. Сепак, сметам дека ние сме поискусна селекција, така што очекуваме победа и во Грција. Не одиме со бело знаме, сметаме дека сме поквалитетни. Нормално, очекуваме пласман на ЕП 2028. Се надевам дека сè ќе биде во најдобар ред, играчите ќе бидат здрави и ќе донесеме радост на цела Македонија“, истакна Стефанов.
Селекторот Кирил Лазаров најави дека нема да има брзање со изборот на играчите за претстојните предизвици. Конкуренцијата за место во репрезентацијата е голема, а стручниот штаб внимателно ги следи настапите на ракометарите.
Лазаров посебно ја истакна сериозноста на Луксембург, кој неодамна го назначи легендарниот француски ракометар Дидие Динар за селектор, како и квалитетот на Грција, која со победата над Холандија и пласманот на Светското првенство покажа дека може да биде опасен противник.
„Списокот го планирам за почетокот на следната седмица. Ги следиме сите ракометари, така што нема да брзаме со скратениот список. Конкуренцијата за секое место во тимот е голема. Нема да потцениме никого, дури ни Луксембург, кој доби сериозен селектор откако го именуваше Дидие Динар, легендарниот Французин. Што се однесува до дуелот со Грција, тоа ќе биде вистински, тврд меч, само за карактерни играчи. Грците со победата над Холандија и пласманот на СП направија големо изненадување и покажаа дека поседуваат квалитет. Тоа ќе биде вистински испит за нас. Добро ќе се подготвиме, тоа го покажавме и во баражот со Словачка. Треба да продолжиме со истото, па и со уште подобро темпо во периодот што следи“, изјави Лазаров.
Македонија ги започнува квалификациите со јасна цел и високи амбиции. Првиот чекор е успешно да се минат двете воведни пречки, а особено гостувањето кај Грција може да има големо значење во борбата за место на Европското првенство во 2028 година. Првиот меч со Луксембург се игра во Скопје на 4 ноември, додека на 8 ноември е дуелот со Грција.
























