Ракометарите на Вардар се елиминирани од Лигата на шампионите на две кола до крајот на групната фаза по пораз во Плоцк од Висла со 33-32.
„Црвено-црните“ многу веројатно ќе завршат последни во групата, а тоа значи дека ќе бидат во вториот шешир за ждрепката во елиминациите од Лигата на Европа.
Тренерот Иван Чупиќ вели дека е штета што три од четири меча, Вардар ги загуби со еден гол разлика.
„Три или четири натпревари губиме со еден гол разлика, па тоа е нешто на што треба да работиме. Имаме млад тим и млад тренер. Се надевам дека во следните натпревари, или најдоцна следната година, ќе успееме подобро да ги одиграме овие неизвесни завршници. Но, уште еднаш, ова беше фер и коректен натпревар од двете страни. На крајот, победи подобриот тим“, изјави Чупиќ.
Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето кај Нант, а во последното коло ќе игра дома со Мелсунген.
























