Вардар не се предава, Воркапиќ порача: Во Плоцк ќе дадеме сè од себе

Ракометарот на Вардар најави поинакво издание во реваншот против Висла. „Црвено-црните“ веруваат дека со вистински пристап и поголема енергија можат да стигнат до првата победа во Лигата на шампионите.

Вардар утревечер ќе ѝ гостува на Висла Плоцк (20,45 ч.) во четвртиот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите. Вукашин Воркапиќ признава дека ситуацијата во групата не е поволна, но потенцира дека македонскиот претставник нема да се откаже од борбата за првите бодови. Вардар ги загуби првите три натпревари, а во првата средба со полскиот шампион беше поразен во Скопје. Воркапиќ смета дека екипата сега мора да извлече поука од направените грешки.

„Теоретски, сè е можно, иако реално веројатно немаме многу шанси. Што се однесува до првиот натпревар, не знам дали навистина дадовме сè што беше во наша можност, но тоа не беше доволно. Навистина се трудевме, но сега мораме да се собереме, да се обидеме да научиме од грешките и да исправиме сè што може да се исправи“, изјави Воркапиќ.

Без оглед на улогата на фаворит што ја има Висла, српскиот репрезентативец најавува дека „црвено-црните“ во Плоцк нема да излезат со бело знаме.

„Што се однесува до реваншот, секако дека секогаш одиме на победа. Вардар секогаш оди на победа – Вардар е голем клуб.“

Воркапиќ смета дека Вардар ќе мора да покаже повеќе од првиот натпревар, а како клучни фактори ги посочи пристапот и енергијата.

„Ќе се потрудиме овој натпревар да биде поинаков, да дадеме уште повеќе од себе, да ги исправиме грешките и да стигнеме до посакуваните два бода, кои сите со нетрпение ги очекуваме. Единствениот начин да стигнеме до тие два бода е со вистински пристап и вистинска енергија. Тоа е суштината. Ќе дадеме сè од себе“, порача Воркапиќ.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾