Чупиќ: Приказната на Вардар во Лигата на шампионите не е завршена

Тренерот на Вардар најави подобро издание во реваншот против Висла. Тој верува дека неговата екипа може да биде поконкурентна откако ги почувствува силата и начинот на игра на полскиот тим.

Вардар утре и гостува на Висла Плоцк во четвртиот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ заминуваат за Полска со желба да остават подобар впечаток од првата средба во Скопје и да ги освојат првите бодови во елитното европско натпреварување. Средбата се угра утревечер во 20,45 часот. Македонскиот претставник во првите три кола беше поразен од Мелсунген, Нант и Висла, но тренерот Иван Чупиќ истакна дека екипата нема намера предвреме да се откаже.

„Сигурно е дека од наша страна може и мора да биде подобро кога ќе загубиш натпревар. Висла беше фаворит и во Скопје, а особено ќе биде фаворит кога ќе играме на нејзин терен. Мислам дека не одигравме толку лош натпревар пред нашите навивачи колку што Висла делуваше доминантно“, изјави Чупиќ.

Стручниот штаб детално го анализирал првиот дуел. Тренерот на Вардар очекува неговите ракометари да настапат со поголема самодоверба и подобра енергија.

„Го анализиравме натпреварот и сигурно постои простор за напредок во нашата игра, и во одбраната и во нападот. Верувам дека со добра енергија и со поголема самодоверба можеме да одиграме квалитетен натпревар.“

Иако Вардар остана без бодови по првите три натпревари, Чупиќ смета дека секој следен европски предизвик е важен за развојот на тимот.

„Сакаме уште еднаш да се претставиме во добро светло во Лигата на шампионите. На преостанатите три натпревари, како и на првите три, сакаме да бидеме конкурентни, да ги бркаме првите бодови и првата победа. Сакаме да имаме за што да играме и постојано да напредуваме. Сè уште сме во средината на октомври и мораме да бараме повеќе од себе и од нашата игра. За нас приказната во Лигата на шампионите не заврши со натпреварот против Висла во Скопје. Имаме уште три натпревари и сакаме да победиме на некој од нив, да одиграме подобро и како екипа да напредуваме од натпревар во натпревар и од месец во месец.“

Чупиќ потенцира дека сезоната е на самиот почеток и дека Вардар има доволно време да ја подигне формата.

„Ракомет се игра помалку од два месеца, а до јуни имаме уште многу работи за кои треба да се бориме.“

Одлуката за составот ќе биде донесена по последните тренинзи. Доколку не се појават непредвидени проблеми, Вардар треба да отпатува со речиси истиот тим што настапи на првата средба.

„Што се однесува до составот, ќе ги почекаме последните тренинзи. Мислам дека, доколку сè биде во ред, ќе патуваме со составот што го имавме и на домашниот натпревар против Висла. Сепак, треба да почекаме уште два тренинга за да бидеме целосно сигурни.“

Во Полска можност би можеле да добијат и двајца млади ракометари, додека дел од играчите постепено се враќаат во натпреварувачки ритам.

„Планот е да наградиме и двајца млади ракометари. Полека ни се враќаат и Педро, Марио и Милан. Треба да им даваме минути и да го користиме секој натпревар и секој тренинг за што побрзо да ги вратиме во вистински ритам. Останатите ракометари досега играа и го носеа најголемиот товар. Сите во моментов се здрави и се надевам дека нема да се случи ништо непредвидено.“

Вардар и натаму има теоретски шанси да ја продолжи европската сезона во Лигата на шампионите, но не зависи само од сопствените резултати.

„Теоретски сè уште сме во игра, но не зависиме само од себе. Дури и да победиме на сите три преостанати натпревари, ќе треба да ни се поклопат и некои други резултати. Сепак, како и досега, одиме чекор по чекор.“

Првиот чекор е гостувањето кај Висла, каде што вардарци ќе се обидат да дојдат до посакуваните два бода.

„Најпрво треба да одиграме добро против Висла во Плоцк и, доколку ни се отвори можност, да ги освоиме двата бода. Како и сите Балканци, тогаш ќе влеземе во сериозна математика, а тоа не е ништо необично за нас на Балканот. Пред сè, мораме да се фокусираме на себе, на нашата игра и на добрите работи од минатата средба, кои сакаме да ги задржиме и во реваншот. На секој натпревар треба да поправаме одредени работи. Верувам дека ја почувствувавме нивната зона и ја почувствувавме Висла како противник.“

Чупиќ очекува тежок натпревар, но верува дека претходното искуство против полската одбрана ќе им помогне на неговите ракометари.

„Убеден сум дека во Плоцк нема да биде лесно, но од играчки аспект, бидејќи веќе се соочивме со нивната одбрана, мислам дека овојпат ќе ни биде малку полесно да играме, особено во нападот“, заврши Чупиќ.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾