Непријатни сцени го одбележаа натпреварот од данското ракометно првенство меѓу Скандерборг и Фредериција. Еден од волонтерите задолжени за организацијата бил повреден во насилен инцидент, по што со амбулантно возило бил пренесен во болница, а натпреварот бил привремено прекинат.
Ракометниот натпревар меѓу Скандерборг и Фредериција, одигран во неделата во Данска, бил прекинат во второто полувреме поради сериозен инцидент на трибините, во кој бил повреден волонтер ангажиран во организацијата на натпреварот.
Инцидентот се случил во салата „Дјурсланд Банк Арена“ во Архус, при резултат 17-17. На повреденото лице му била укажана медицинска помош, по што со амбулантно возило било пренесено во болница. Според информациите на данската телевизија ТВ 2, полицијата потврдила дека станува збор за лице кое било ангажирано како дел од организацискиот персонал.
По инцидентот, полицијата привела две лица, а едно од нив било уапсено под сомнение дека физички го нападнало волонтерот. Полицијата добила пријава по 21 часот дека едно лице било турнато и паднало на земја. Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, фотографирале и разговарале со присутните сведоци.
Дополнително биле прегледувани снимките од безбедносните камери, со цел да се утврди точниот тек на настаните и причините за инцидентот. Околностите под кои дошло до нападот засега не се целосно разјаснети.
Скандерборг преку социјалните мрежи го потврди инцидентот и изрази поддршка за повредениот волонтер.
„Најостро ги осудуваме сите форми на насилство. Нашите волонтери имаат непроценлива улога во функционирањето на клубот и секој што е дел од нашите натпревари мора да се чувствува безбедно“, соопштија од клубот.
Од Скандерборг нагласија дека нивните мисли во овој момент се со повредениот волонтер и дека засега нема да даваат дополнителни коментари.
И покрај прекинот, натпреварот продолжи и беше одигран до крај. Фредериција славеше со 31-29.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























