Дефиниран терминот за дербито – еве кога Охрид го пречекува тимот на Лазаров

Претстојниот викед на програмата ќе биде дербито на 6 коло од Супер машката лига меѓу Охрид и „сино-белите“ од Автокоманда.

Домаќинот го закажа натпреварот за в сабота, на 10 октомври во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:30 часот.

Избраниците на Борис Ројевиќ загубија на претходното дерби со Вардар, а со Еурофарм Пелистер одиграа реми, па со дуелот против тимот на Кирил Лазаров ќе ги комплетираат првите дерби дуели против трите тима од големата четворка.

Гостите од Автокоманда досега остварија пет победи на пет натпревари, но на последниот против Тиквеш на кој се „тресеа“ за цел плен, покажаа низа слабости.

За охриѓани овој дуел и оној следниот против вториот тим од Автокоманда, ќе бидат последни проверки пред двомечот со турскиот Спор Тото во ЕХФ Европскиот Куп.