Дерби само на хартија: Вардар го надигра Охрид во „Јане Сандански“

Традицијата останува на страната на Вардар, кој освен што го победи Охрид, 27-18 (14-6) се уште гостите остануваат без освоен бод во „Јане Сандански“. Продолжува серијата на „црвено-црните“ во домашното првенство, 5/5 и го задржаа лидерското место на табелата.

А требаше да биде дерби, во кое Охрид ја бараше шансата да освои бодови, особено по нивниот меѓусебен меч во Супер Купот што Вардар го доби, но многу тешко. Сега немаше неизвесност, туку само доминација на вардарци. Гостите непрепознатливи, со многу грешки, а домашните со цврста одбрана.

Поради ограничувањето на бројот на странски ракометари кај Вардар ги немаше Митровиќ, Кеита, Тузолана, Бомаштар додека во тимот на Охрид не се „соблече“ Лиапис. Кај вардарци се вратија тимот Жоао Педро и Марио Стојановски.

Дуелот беше решен уште во првото полувреме кога скопјани заминаа на пауза со убедливо водство од 14-6 против Охрид, кој во еден период речиси 13 минути не успеа да постигне гол.

Гостите држеа приклучок до 4-3 во деветтата минута. Тогаш Томислав Јагуриновски погоди за Охрид, но следниот гол на неговиот тим стигна дури во 22. минута. Вардар го искористи тој застој, ја зацврсти одбраната и со серија од 4-0 се одлепи на 8-3. Ниту тајмаутот на Борис Ројевиќ не го прекина долгиот период без гол за охриѓани.

До крајот на полувремето шампионот продолжи да ја зголемува предноста. При 12-6, Вардар постигна уште два гола во завршницата и првпат стигна до осум разлика.

Во 40 минута на семафорот пишуваше 20-10 и Брис Ројевиќ мораше да бара тајмаут, со цел нешто да коригира во играта. Вардар беше „залауфан“, лесно играше и уште полесно погодуваше, а Охрид бараше начин како да се спротивстави на таа игра. И тешко им одеше.

После тој тајмаут, и грешката на Охрид погоди Љевар за 21-10 како најава дека веројатно се е решено, на 19 минути до крај на мечот. Но, тука не заврши нападот на Вардар, па во 47 минута Љевар зголеми на 26-13. И кога стигна опуштањето на Вардар, и нереализирањето на шансите, Охрид направи серија од 3-0 за да намали на 26-16.

Следуваа шест минути без постигнат гол, по што Абделах погоди за ново водство, 27-16. Се беше решено, и се чекаше последниот свиреж за да се види колкава ќе биде разликата.

Матео Фадуиле, Мохаб Абделах и Леон Љевар постигнаа по 5 гола кај Вардар, а Јошида даде 4 гола за Охрид

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾