Ракометарите на Еурофарм Пелистер се рехабилитираа за поразот од Ла Риоха во ЛЕ, откако прославија триумф над Бутел Скопје со 34-21 во првиот меч од 5 коло во Супер машката лига.
Капитенот Филип Кузмановски беше предводник во триумфот и успеа да погоди девет пати од десет обиди, а подели и осум асистенции до неговите соиграчи. Деби за Еурофарм Пелистер имаше новото засилување Саду Нтанзи, со три гола и една асистенција.
Во составот на Бутел Скопје покрај стандардно добриот Дејан Михајловиќ со пет гола, се истакна и Давид Јаневски со четири погодоци.

Бутелци парираа одлично петнаесетина минути, кога беше 5-5, потоа полека битолчани почнаа да градат предност и стигнаа до пред паузата на плус четири, 14-10. Сепак Јаневски и Николоски се погрижија за преполовена негатива, 14-12.
Митревски беше одличен на голот на битолчани, Хеидарирад фати два пенали, па гостите немаа проблеми во вториот дел да одиграат рутински и да ги освојат бодовите.
На стартот погодија Видомски, Нтанзи и Атанасијевиќ за 17-12 и практично ја потврдија победата во Бутел Скопје, бидејќи до крајот предноста на битолчани не се спушти под пет голови.

Во следното коло Еурофарм Пелистер на домашен терен ќе игра против екипата на Куманово, додека Бутел Скопје одново ќе игра дома против составот на Прилеп.
























