Илиќ: Прераснуваме во сериозна селекција – на EП можеме многу да покажеме

Македонија го заврши „Трофеј Македонија“ со две големи победи против Србија и Хрватска, селекции кои нашите ракометарки не ги имаа совладано 18 години.

Иако станува збор за подготвителен турнир, резултатите и играта покажаа дека македонската репрезентација постепено созрева и добива нов победнички карактер.

Андреа Илиќ верува дека Македонија прераснува во сериозна селекција која може рамноправно да се носи и со поквалитетни противници.

„Да, прераснуваме во една сериозна селекција. Секоја од нас поединечно се обидува да го даде својот максимум на секој натпревар. Ова е еден нов почеток за нас, со нов селектор, и мислам дека ќе бидеме многу добри во продолжението, особено на Европското првенство“, изјави Илиќ.

Една од најзабележливите промени во македонскиот состав е енергијата, која беше присутна и на теренот и на клупата.

Според Илиќ, сите ракометарки се обединети и меѓусебно се поддржуваат, без разлика дали во моментот играат или чекаат шанса.

„Најпрво можам да кажам дека енергијата во екипата е на многу високо ниво. Сите девојки, и тие што играат и тие што не играат, навистина си даваме голема поддршка една на друга. Не дека тоа порано не било случај, но сега можам да кажам дека го има многу повеќе.

Имаме и некои новитети во нашата игра и мислам дека на крајот сето тоа ќе изгледа многу добро“, продолжи Илиќ.

Победите во Охрид неизбежно ќе ги зголемат очекувањата пред настапот на Европското првенство, но Илиќ смета дека притисокот е составен дел од играњето за националниот тим.

„Притисокот е секогаш присутен. Како што кажав, ќе се подготвиме добро и мислам дека можеме да покажеме многу на Европското првенство, но и понатаму, на сите следни натпревари. Од првата минута ќе влегуваме максимално сериозно и верувам дека ќе прикажуваме многу добри игри“, заврши Илиќ.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾