По 18 години падна и Хрватска – Марковиќ: Не смееме да полетаме, ова е само почеток!

Женската репрезентација на Македонија со голема победа го заврши настапот на „Трофеј Македонија“ во Охрид.

Избраничките на Игор Марковиќ ја совладаа Хрватска со 25-22 и по пауза од 18 години повторно се израдуваа на триумф против оваа селекција. Тогаш на Европското првенство во Македонија, нашата селекција славеше со 31-29, а оттогаш редевме само порази против оваа селекција, што на официјални, што на пријателски средби.

Ова беше втора победа за Македонија на турнирот во Охрид, по претходниот триумф над Србија, а нашата селекција го освои второто место. Црна Гора го освои трофејот, Хрватска заврши на третата, а Србија на четвртата позиција.

Селекторот Игор Марковиќ им честиташе на ракометарките за прикажаното, но порача дека екипата мора да остане цврсто на земја и да продолжи да работи пред Европското првенство.

„Најпрво, голема честитка до моите ракометарки за одличниот турнир. Сега можам да бидам задоволен, но има уште многу простор за анализа, која сигурно ќе ја направиме.

Сигурен сум дека секогаш може подобро. Мислам дека вечерашниот натпревар го добивме со одбраната и сигурно ќе продолжиме да работиме на тоа. Имаме уште многу простор за напредок во нашата игра.

Што се однесува до Европското првенство во Романија, мора да бидеме реални и постепено да се подготвуваме. Не смееме да полетаме, бидејќи ова е само пријателски турнир. Мора добро да работиме, детално да ја анализираме Швајцарија и да дадеме сè од себе за да оствариме една голема победа на Европското првенство.

Прво и основно, сигурен сум дека оваа репрезентација има квалитет. Знам дека можеме и затоа мора сите заедно да веруваме дека можеме. Ќе продолжиме да работиме на тоа.

Во првото полувреме одигравме добра одбрана, но имаме уште многу простор за напредок. Исто така, мора да знаеме дека ракометарките во моментов не се најдобро физички подготвени. Ќе ги добијат своите задачи и се надевам дека на Европското првенство ќе бидеме многу поподготвени. Сигурен сум дека едно Европско првенство не дозволува во период од пет или десет минути да постигнете само еден гол“, изјави Марковиќ.