Почнува евро-сезоната за пелистерци, во продажба билетите за дуелот со Ла Риоха

Еурофарм Пелистер во среда ќе го одигра првиот европски натпревар во сезоната 2026/27, а битолчани ќе имаат домашен предизвик против шпанската Ла Риоха.

По стартот на домашните натпревари, за „зелено-белите“ доаѓа и првиот меѓународен предизвик. Шпанскиот претставник ќе гостува во Битола, а од клубот информираа дека билетите за натпреварот веќе се пуштени во продажба.

Tие можат да се купат онлајн ТУКА, како и на добро познатите локации низ Битола, по цени од 300 и 350 денари во зависност од местото на седење во салата.

Овој натпревар ќе означи и враќање на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, откако битолскиот тим во изминатите три сезони беше дел од Лигата на шампионите.

Еурофарм Пелистер се наоѓа во групата Г, каде покрај Ла Риоха ќе се соочи и со германскиот Гумерсбах и полскиот Вибржеже Гдањск.

Мечот против Ла Риоха се игра в среда на 30 септември од 20:45 часот.