Лекиќ и Цвијиќ за критиките: Најтешко е да ја преспиеш ноќта, но критичари секогаш ќе има

Критиките се неизбежен дел од професионалниот спорт, а со појавата на социјалните мрежи спортистите секојдневно се соочуваат и со бројни негативни коментари.

Драгана Цвијиќ и Андреа Лекиќ на првиот Женски ракометен форум во Охрид отворено зборуваа за тоа како ги прифаќале критиките и колку тие влијаеле врз нив во различни периоди од кариерите.

„Кога бев помлада, сигурно е дека ги читав и ги следев коментарите и насловите. Искрено, многу тешко ми паѓаа. Но, ние во Србија имаме нешто што се нарекува инат и знаеме да кажеме дека инатот е најдобриот спортист. Токму тоа ме одржуваше. Секогаш кога ќе прочитав нешто негативно, сакав да го докажам спротивното. Сакав да покажам дека можам подобро и дека сум подобра од она што некој го напишал за мене. Најтешко беше да ја преспијам таа ноќ. Ќе прочитате нешто навечер, ќе ги видите коментарите и потоа треба да чекате до следниот натпревар за да докажете и да покажете дека напишаното не е вистина. Во последните години од кариерата веќе навистина не обрнував внимание на таквите работи. Сфатив дека тоа е само спорт. Во ред е понекогаш да одиграте лошо и во ред е да загубите. Најважно е секогаш да се борите и да дадете сè од себе. Секогаш кога ќе излезев од теренот и знаев дека сум дала сè што сум можела, дури и кога натпреварот завршувал со пораз, спиев мирно. Воопшто не ме интересираше што кажал некој за мене“, истакна Цвијиќ.

Андреа Лекиќ смета дека луѓето природно подолго ги паметат грешките и тешките моменти, но потенцираше дека спортистот не треба да се фокусира на коментарите, туку на секојдневната работа.

„Не мислам дека станува збор само за коментарите. Секоја личност, не само спортистите, повеќе го памети моментот во кој направила одредена грешка, особено ако таа грешка била одлучувачка, отколку моментите што ѝ донеле радост. Едноставно, тоа е психологија. Од друга страна, ние се занимаваме со јавна професија. Денес секој има право да коментира, но прашањето е колкав кредибилитет има оној што го кажува или го пишува тоа. Што се однесува до критиките, јас поминав по малку незгоден пат во помладите категории. Многу рано заминав од дома и се преселив во Словенија како талентирано дете од Србија. Уште тогаш почнав да добивам многу негативни коментари, меѓу другото и прашања зошто сум повикана во репрезентацијата. Можам да кажам дека тоа ми паѓаше многу тешко. Особено беше тешко затоа што мојата прва сезона во странство беше исклучително неуспешна. Морав истовремено да се борам со критиките и со сопствената свест дека не сум на нивото на кое сакав да бидам. Тоа беше навистина тежок период. Сепак, веројатно токму таа година ме обликуваше за остатокот од кариерата. Одлучив целосно да се посветам на работата. Неверојатно многу тренирав пред почетокот на втората сезона, а таа втора сезона веќе беше една сосема поинаква и посебна приказна за мене. Не обрнувајте внимание на критиките. Фокусирајте се на својата работа и на она што го правите секој ден, чекор по чекор. Како што кажав, потребни се љубов и дисциплина. Мотивацијата ќе оди нагоре и надолу и таа не може секогаш да биде постојана, но дисциплината може. Појавете се и тогаш кога е тешко. Многу е лесно да се појавите кога сè оди добро, но да ја задржите дисциплината во она што го работите е најважно. За мене, тоа е единствениот вистински пат до успехот. Критичари секогаш ќе има. Како што велат: ‘Haters gonna be haters’. Сето тоа ќе дојде и ќе помине, верувајте ми. Она што останува на крајот не се само медалите. Останува можноста денес да ги споделиме нашите размислувања со сите вас, како и пријателствата што сме ги создале во текот на кариерите. Во ракометот, а верувам и во секој друг спорт, најубавото нешто на светот е патувањето од почетокот до крајот. Тоа е вашата најголема медала и вашиот најголем успех. Тоа се луѓето што сте ги запознале и моментите во кои сте созреале на поинаков начин од своите врсници. Спортот ве оспособува уште на млади години да носите многу зрели одлуки.“

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾