Братскиот двобој во Битола го добија „постарите браќа“

Братскиот двобој во Битола го доби „постариот брат“, откако Еурофарм Пелистер славеше против Еурофарм Пелистер 2 со убедливи 35-24.

Лино Червар се реши за „македонска постава“ на Еурофарм Пелистер, одново не сметаше на Видомски, Колаковиќ и Котар, а Татар, Граховац и Басанесе немаа голема минутажа. Во составот на Еурофарм Пелистер 2 недостигаа Стојков, Димевски, Симоноски…

„Помладиот брат“ тргна одлично, Младенов бранеше во серија, а му фати пенал на Кузмановски и водеа момците на Бранко Ангеловски со по два гола во повеќе наврати.

Имаа и плус три, 7-4 откако погоди Дамчевски, пред Кузмановски и Серафимов да ги земат работите во свои рацеи првиот битолски состав направи голем пресврт со четири гола во серија, 8-7.

Беше 9-9, пред одново да „нагазат“ постарите браќа и до паузата обезбедија солидна залиха за второто полувреме, 16-12.

Во второто полувреме немаше многу возбудувања на теренот, шанса за настап добија скоро сите ракометари во двата тима, а на крајот славеше вицепрвакот со 11 голови.

Калајџиески даде шест гола за победничкиот состав, а пет погодоци запиша Серафимов. Во составот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Митревски со осум и Ѓоргиевски со четири погодоци.

За првиот тим на Еурофарм Пелистер ова беше последна проверка прд стартот на Лигата на Европа и домашниот натпревар против шпанската Ла Риоха.