Ракометарите на Бутел Скопје ги очекува гостување кај Струга во рамките на 4 коло од Супер машката лига.
По ремито со Младост Богданци и поразите од Тиквеш и Охрид, бутелци одат кај стружани кои исто така немаат победа во досегашните три меча.
Левиот бек на Бутел Скопје, Теодор Тодески, очекува тежок натпревар.
„Очекуваме тежок натпревар, Струга е квалитетна екипа и сигурно ќе има голема борба. Ние сме добро подготвени, се фокусираме на нашата игра и сакаме од самиот почеток да влеземе максимално концентрирано. Целта ни е да го дадеме максимумот и да се бориме за победа до последната минута“, вели Тодески.
Стружани го засилија својот ростер во текот на летото со неколкумина искусни ракометари.
„Струга има доста нови и искусни играчи и сигурно ќе сакаат пред домашна публика да покажат што можат. Мислам дека најголемата опасност е токму во нивната колективна игра, но ние повеќе се фокусираме на нас. Ако одиграме цврсто во одбрана и дисциплинирано во напад, мислам дека можеме да им создадеме многу проблеми“, продолжи Тодески.
Бутел Скопје ова лето ангажираше повеќе кадетски репрезентативци на Македонија, а на клупата дојде легендарниот Стојанче Стоилов.
„Имаме доста нови млади играчи, но мислам дека добро се вклопија во екипата. Секако, потребно е време за сите да се навикнеме едни на други, но атмосферата е одлична и сите работиме за иста цел. Што се однесува до Стоилов, за нас е големо искуство да работиме со човек со таква кариера. Тој знае што значи да се игра на највисоко ниво и секој ден ни пренесува дел од своето искуство. Се надевам дека тоа ќе ни помогне многу во текот на сезоната“, заврши Тодески.
Натпреварот меѓу Струга и Бутел Скопје се игра в сабота во СЦ „Тими“ со почеток од 18:30 часот.
























