Хрватска испушти победа, Биртиќ порача: Мораме подобро да реагираме

Хрватска и Црна Гора одиграа нерешено 20-20 во првиот натпревар на „Трофеј Македонија“ во Охрид. Хрватките во еден момент имаа негатива од четири гола, успеаја да направат пресврт и да поведат во завршницата, но Ѓурѓина Јауковиќ во последните секунди погоди за реми.

Клара Биртиќ, бекот на Хрватска по натпреварот истакна дека постои жалење поради пропуштената можност за победа, но беше задоволна од борбеноста што ја покажаа нејзините соиграчки, особено во второто полувреме.

„Најпрво би им честитала на моите соиграчки за борбената игра во текот на целиот натпревар, а особено во второто полувреме. Секако, ѝ честитам и на противничката репрезентација за фер и коректната игра. Жалиме за пропуштената можност во последните секунди, но добро е што можеме да научиме од овој натпревар“, изјави Биртиќ.

Хрватска во првото полувреме се најде во негатива, но по паузата заигра многу подобро во одбраната и постепено успеа да се врати во натпреварот.

„Успеавме да се вратиме во игра, пред сè благодарение на цврстата одбрана во второто полувреме. Во иднина ќе мораме подобро да реагираме во последните секунди и во одредени ситуации. Сепак, во целина сме задоволни со моменталниот резултат и со прикажаното, бидејќи ова се пријателски натпревари“, дополни хрватската репрезентативка.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 24 Rakomet (@24rakomet)

Биртиќ откри и што им посочил селекторот Ивица Обрван на своите ракометарки за време на паузата. Хрватска во вториот дел ги намали грешките и преку подобрата одбрана дојде до можност да се бори за победата.

„Тренерот на полувремето ни укажа на грешките. Ни кажа дека мораме повеќе да се бориме во одбраната, да правиме подобри прекршоци, побрзо да ја движиме топката во нападот и да играме побрзо, но да не брзаме со ударите од надворешните позиции и да не правиме непотребни грешки. Во второто полувреме успеавме сето тоа, колку-толку, да го сведеме на минимум.“

Грешки имаше и во продолжението, но подобрата игра во одбраната ѝ овозможи на Хрватска да ја надополни негативата и да дојде до резултатски пресврт.

„И натаму грешевме, но мислам дека преку одбраната се вративме во игра. На тој начин успеавме да ги надополниме грешките што ги правевме“, заврши Биртиќ.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾