Сите учесници на „Трофеј Македонија“ едногласни – овој турнир ни значи многу пред ЕП

Од денеска до сабота, Охрид и салата „Билјанини Извори“ ќе бидат центарот на женскиот ракомет. Стартува „Трофеј Македонија“ на кој покрај нашите ракометарки, ќе играат селекциите на Хрватска, Србија и Црна Гора.

На прес-конференцијата пред турнирот, своите очекувања ги споделија сите предводници на селекциите што ќе играат на „Трофеј Македонија“.

Драгана Цвијиќ, своевремено ракометарка на Вардар, а сега асистент на селекторката Сандра Колаковиќ, истакна дека овој турнир ќе значи многу за подмладената Србија.

„Чест и задоволство ми е што сум тука, што ја претставувам својата земја. Дојдовме во подмладен состав, многу ми е мило што е така, што сите ќе имаат шанса да покажат што можат. Овој турнир е многу вреден за нас, ќе видиме што можеме и до каде сме, особено пред Европското првенство во декември“, изјави Цвијиќ, која сега е асистент на селекторката Колаковиќ.

Црна Гора ќе биде без две од најдобрите ракометарки, Матеа Плетикосиќ и Армел Атингре, а селекторката Сузана Лазовиќ, ќе им даде прилика на помладите.

„Мислам дека е слична приказна како кај сите, така и кај нас. Убаво е што можеме да собереме сите на едно место од Балканот, а истовреме да ги одмериме силите и да видиме до каде сме, да го извлечеме тоа што ни треба за ЕП. Во составот имаме младинки и кадетки, кои направија одличен резултат. Сакаме да им дадеме шанса, да видиме што можеме да очекуваме од нив на ЕП, а потоа да градиме селекција за следните Олимписки игри“, изјави Лазовиќ.

Ивица Обрван се врати во Македонија, каде некогаш беше селектор на машката репрезентација, а сега во улога на предводник на дамите од Хрватска.

„Ги поздравувам учесниците, селекторите, организаторите, како и самиот турнир. Ќе имаме комбиниран состав. Не сме ниту Данска, ниту Норвешка…имаме младинки, сениорки кои претходно беа дел од националниот тим. Три меча во три дена се многу, но ќе видиме кој колку ќе игра на сите натпревари. Ние имаме 21 ракометарка, сите ќе добијат шанса. Во секој случај е вистински тест за девојките, да видиме колку можат да одговорат на овој предизвик, ова ќе биде шанса за да се изборат за место на Европското првенство. Се надевам дека ќе прикажаме добра и дека сите ќе имаме корист од Трофеј Македонија“, изјави Обрван.

На првиот ден од „Трофеј Македонија“ од 16:00 часот ќе играат Хрватска и Црна Гора, додека од 18:00 часот е пресметката меѓу Македонија и Србија.