Кико Кошта: Сега сум само „половина играч“ – сакам да бидам најдобар во светот

Франциско „Кико“ Кошта веќе е меѓу најопасните бекови во европскиот ракомет, но 21-годишната ѕвезда на Спортинг е далеку од задоволна. Португалецот признава дека мора многу да напредува во одбраната, а крајната цел ја кажува без двоумење - сака да стане најдобар играч во светот.

Франциско „Кико“ Кошта има само 21 година, но веќе е еден од најатрактивните офанзивни ракометари во Европа. Моќен удар, игра „еден на еден“, брзина и храброст во клучните моменти се негов заштитен знак, но Португалецот самиот смета дека сè уште е далеку од комплетен играч.

Во големото интервју за ЕХФ, десниот бек на Спортинг изненади со начинот на кој се опиша.

„Во моментов сум само половина играч. Добро ми оди тоа што го правам, но сум само ‘половина играч’. Една од моите следни големи индивидуални цели е да станам комплетен ракометар“, вели Кошта.

Причината е едноставна – одбраната. Кошта отворено признава дека не ужива во дефанзивниот дел од играта, но е свесен дека без него нема да може да стигне до нивото што самиот си го поставил.

„Не мислам дека треба нешто посебно да менувам, туку треба да тренирам, да тренирам и повторно да тренирам. Според мене, секој може да шутира. Не може секој да погоди, но секој може да шутира. Но не може секој да игра одбрана“, вели Португалецот.

Кошта редовно е мета на најцврстите дефанзивци во Европа. Неговиот стил подразбира многу дуели и физички контакт, а самиот вели дека тоа воопшто не му пречи.

Напротив, веќе има план за моментот кога ќе стане подобар и во одбраната.

„Кога ќе станам дефанзивен играч, ќе им го правам на противниците истото што тие ми го прават мене. Добивам многу удари и се надевам дека еден ден ќе можам малку да им вратам“, низ насмевка објасни Кошта.

Физичкиот контакт е составен дел од неговата игра и затоа голем дел од подготовките ги минува во сала за вежбање.

„Не се плашам од контакт. Знам дека мојот стил на игра е таков. Потребна е многу работа во теретана за да можеш на секој натпревар да ги издржиш сите тие удари“, вели тој.

Голем дел од својот развој Кошта го поврзува со начинот на кој тренира. Како пример ја користи филозофијата на тениската легенда Рафаел Надал – тренингот мора да биде потежок од самиот натпревар ако сакаш постојано да напредуваш.

„Многу напредував откако дојдов во Спортинг и голем дел од тоа е поради напорните тренинзи. Како што еднаш кажа Рафаел Надал, тренингот мора да биде потежок од натпреварот ако сакаш да напредуваш. Тоа е правило кое го следам секој ден“, истакна Кошта.

Интересно е што кога зборува за најдобрите, тој не ги истакнува спектакуларните потези, туку едноставноста.

Како пример го посочи Гисли Кристијансон од Магдебург. Според Кошта, Исланѓанецот совршено ги изведува работите што на прв поглед изгледаат едноставно – игра „еден на еден“, соработка со пикер и шут во движење.

„Најдобрите играчи во ракометот ги прават едноставните работи, но ги прават совршено. Тоа изгледа едноставно, но верувајте ми, не е“, порача Кошта.

Иако е млад, Кошта веќе нема проблем топката да биде во неговите раце кога се решава натпревар.

„Го сакам притисокот и ги сакам одговорностите. Не се плашам од тоа“, вели португалскиот репрезентативец.

Но со искуството се менува и начинот на кој ги гледа последните напади.

Како помлад едноставно влегувал на терен и играл без многу размислување. Денес, кога знае дека еден шут или една одлука може да значи победа или пораз, во главата му се вртат многу повеќе опции.

„Размислувам кој е на теренот, кој не е, дали треба да шутирам, дали треба да додадам… Знам дека ако промашам, може да го загубиме натпреварот. Затоа морам да ја донесам вистинската одлука во вистински момент“, објаснува Кошта.

Таквото искуство дојде и преку болни европски елиминации. Во изминатите четири години Спортинг неколкупати остануваше на само еден гол од големата завршница, а последниот таков удар беше елиминацијата од Алборг на патот кон Келн во сезоната 2025/26.

Кико Кошта минатата сезона беше избран за најдобар млад играч во Европа според ЕХФ. Во 47 натпревари за Спортинг постигна 325 голови, од кои 136 на 17 натпревари во Лигата на шампионите.

Но индивидуалните признанија не ја намалуваат амбицијата.

„Сакам да бидам најдобар играч во светот. Морам да тренирам 200 проценти секој ден и сигурен сум дека ако го правам тоа, можам да стигнам до врвот. Сè уште сум млад, но не сакам предолго да чекам“, порача Кошта.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾