Цвијиќ и Лекиќ одново во Македонија – РФМ организира Женски ракометен форум

Ракометната федерација на Македонија, со цел дополнително да придонесе кон развојот, видливоста и унапредувањето на женскиот ракомет, за првпат ќе организира Женски ракометен форум, кој ќе се одржи на 26 септември 2026 година во Охрид, во рамки на Меѓународниот ракометен турнир „Трофеј Македонија 2026“.

Под мотото „One game. One voice. One future.“, форумот ќе обедини пет големи имиња од регионалниот, европскиот и светскиот ракомет на едно место, со една заедничка тема – иднината на женскиот ракомет.

Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ ќе ги споделат своите лични и професионални приказни – од првите чекори во ракометот до најголемите натпревари и освоените медали. Ќе зборуваат отворено за подемите и падовите, за поддршката што ја имале, но и за предрасудите со кои се соочувале, за можностите што ги нуди балканската ракометна сцена, но и за промените што се потребни за женскиот ракомет да продолжи да расте.

Меѓу панелистките ќе биде Индира Кастратовиќ, актуелна координаторка на сите женски репрезентации во РФМ.

„Кога станува збор за историјата на македонскиот женски ракомет, тука мислиме на Индира Кастратовиќ. Таа е едно од најголемите македонски ракометарки на сите времиња. Кастратовиќ беше дел од генерацијата што во 1997 година го освои историското седмо место на Светското првенство, каде што таа беше и најдобар стрелец на тој шампионат со 71 постигнат гол. Со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година ја освои Лигата на шампионите и стана дел од една од најголемите спортски приказни во Македонија. Нејзината кариера и придонес во ракометот се препознаени и на европско ниво, со место во „Куќата на славните“ на ЕХФ. По играчката кариера остана поврзана со ракометот како тренер и спортски работник, а денес е спортски координатор на женските национални селекции на Македонија, со директна улога во развојот и иднината на женскиот репрезентативен ракомет. Од генерацијата што испишуваше историја, до позиција од која денес се гради иднината на женскиот ракомет, Индира Кастратовиќ ќе биде дел од Првиот Женски ракометен форум. Таа е вистинска инспирација за сите генерации!“, се вели во најавата за Кастратовиќ од страна на РФМ.

Втор панелист ќе биде некогашната српска репрезентативка Андреа Лекиќ, кој остави длабока трага во Вардар играјќи пет сезони во Македонија.

„Андреа Лекиќ која има богато искуство од самиот врв на светскиот ракомет е една од петте пеналистки на Првиот Женски ракометен форум. Во 2013 година беше прогласена за најдобра ракометарка во светот, истата година кога со репрезентацијата на Србија го освои сребрениот медал на Светското првенство. Со Ѓер ја освои Лигата на шампионите, а македонската публика особено ја памети од петте сезони во дресот на Вардар, со кој двапати играше во финалето на европската елита. Кариерата ја заврши во 2025 година, по речиси две децении на највисоко ниво и со повеќе од 1.000 голови во Лигата на шампионите. Но, нејзината приказна во ракометот не заврши со последниот натпревар. Денес Лекиќ е генерален менаџер на сите женски национални селекции на Србија, со директна улога во развојот на женскиот репрезентативен ракомет. Од септември 2026 година е избрана и во новиот Европски одбор на играчи на ЕХФ, каде што гласот и искуството на ракометарите треба директно да придонесуваат во процесите што ја обликуваат иднината на европскиот ракомет“, се вели во објавата за Лекиќ.

Драгана Цвијиќ оваа година ја заврши играчката кариера, но веднаш почнува тренерска кариера и ќе биде асистент на српската селекторка Сандра Колаковиќ. Цвијиќ исто така ќе биде панелистка на форумот во Охрид.

„Од една од најдобрите пивоти на својата генерација до нова улога покрај теренот, Драгана Цвијиќ ќе биде дел од Првиот Женски ракометен форум. Двократна освојувачка на Лигата на шампионите со Будуќност, во 2012 и 2015 година, и светска вицешампионка со Србија во 2013 година, Цвијиќ речиси две децении беше дел од самиот врв на европскиот женски ракомет. На Светското првенство во 2013 година беше избрана и за најдобар пикер на турнирот. Посебна врска има и со македонската публика. Во сезоната 2017/18 го носеше дресот на Вардар и со скопскиот клуб стигна до финалето на Лигата на шампионите. По завршувањето на богатата играчка кариера во 2026 година, Цвијиќ остана во ракометот. Денес е помошен тренер на женската сениорска репрезентација на Србија, каде своето огромно искуство од теренот го пренесува на новите генерации“, се вели во објавата за Цвијиќ.

Посебен акцент ќе биде ставен и на истрајноста, лидерството и животот во ракометот по завршувањето на играчката кариера, како теми што се важни не само за врвните спортистки, туку и за генерациите што доаѓаат.

На едно место ќе бидат легендите, актуелните репрезентативки на Македонија, младите ракометарки од домашната сцена, како и тренери, спортски работници и луѓе кои секојдневно учествуваат во создавањето на идните генерации.

Првиот Женски ракометен форум е чекор на Ракометната федерација на Македонија кон создавање простор во кој искуството ќе се споделува, важните прашања ќе се отвораат гласно, а идеите за подобра иднина на женскиот ракомет ќе добијат свое место.