Тимот на Тиквеш славеше над Еш од Луксембург со 33-32 и со тоа го заврши настапот на европска сцена оваа сезона. Еш имаше победа со три гола од вчерашниот натпревар, 30-27, па тоа беше доволно за да се пласира во второто коло од ЕХФ Европскиот Куп, каде Македонија ќе остане со три тима – Охрид, Бутел Скопје и тимот од Автокоманда.
Кавадарчани имаа четврта прилика досега во истото натпреварување, но и по четврти пат не успеваат да минат барем една пречка во Европа. Прво беше австриски Кремс, па грчката Драма, лани турскиот Бешикташ, а сега имаа на хартија лесен ривал во тимот на Еш од Луксембург. Но и покрај тоа што двапати играа дома кавадарчани не остварија историски успех со прогрес во наредната рунда.
Во составот на кавадарчани, Бен Махфуд даде девет гола, додеа за издвојување е настапот на Мики Лазов, кој даде осум погодоци од осум обиди. Тиквеш немаше голема поддршка од голманите на овој меч, откако Солев, Велков и Бакев собраа само седум одбрани сите тројца заедно. Кај Еш, се истакна Дуарте со осум погодоци.
Исто како и вчера, така и денеска, Тиквеш почна одлично со водство од 3-1, но веднаш дозволи ривалот да ја преземе контролата и да наметне свое темпо, а полека и да гради предност што требаше да се брка.
Еш прдводен од екс десниот бек на кавадарчани, Аранда и Мендеш, стигна и до четири гола предност, 11-7, која беше преполовена по влегувањето на младинскиот репрезентативец Лазов. На паузата гостите од Луксембург водеа со 14-12.
Слично се одвиваше и вториот дел, предноста на Еш се движеше меѓу два и четири гола, пред гостите да почнат да грешат. Казнуваа Бен Махфуд од пенал, потоа Димовски во два наврати и конечно Ончев израмни на 26-26 кога остануваа да се играат уште десетина минути.
Дуарте промаши два пати и Грчевски повика тајм-аут кога Тиквеш имаше шанса да го врати водството на своја страна. Погоди Лазов за 27-26, но гостите набрзина израмнија и се играше гол за гол до 29-29 кога остануваа уште пет минути до крајот.
Беше и 31-31, кога Еш остана со двајца играчи помалку на терен, па Димовски веднаш погоди за 32-31 на 120 секунди до крајот, но потоа Бен Махфуд промаши пенал и шансите за победа од најмалку три гола отидоа во неврат. Победата со 33-32 е само мала утеха за кавадарчани за елиминацијата по само два меча од Европа.
























