Екипите на Ѓорче Петров 2 и Спартак одиграа интересен натпревар, во кој немаше победник, 23-23, па двете екипи мораа да се задоволат со бод. Стрелец на голот за реми беше Анастасија Николовска на три секунди до крајот, откако претходно Спартак успеа да анулира и негатива од три гола, 23-19.
Домаќинките имаат за што да жалат, бидејќи на паузата заминаа со плус пет, 14-9, а на стартот на вториот дел имаа и највисоки шест гола залиха, 15-9.
Тогаш имаа голем пад во играта, искусната гостинска екипа знаеше како да ги казни грешките и израмни на 16-16. Потоа се играше гол за гол, до 18-18, пред да повлече Анчева и одново Ѓорче Петров 2 имаше резултатска контрола, 23-19.
Сепак се повтори истата приказна, Мркиќ доби казна од две минути, Спартак тоа го искористи, погодија од пенал Цветановска, а потоа и Јершек, па фаворитот се спаси од пораз во финишот.
Кај домаќинките се истакнаа Анчева со шест, како и Мркиќ и Димоска со по четири гола, а голманката Гошевска исто така беше на ниво. Кај Спартак, Терзиќ имаше солидна партија, а триото Цветановска, Јершек и Николовска постигнаа по пет гола.
























