Поранешниот пивот на Борац, Партизан, Барселона и Загреб, а денес ракометен менаџер, отворено за Вардар, Лазаров, македонските таленти и кариерата што мора да се гради чекор по чекор.
Сењанин Маглајлија повторно е во Македонија, овојпат како менаџер кој од непосредна близина го следеше дуелот меѓу Вардар и Нант во Лигата на шампионите. Од Скопје продолжува за Битола, а меѓу посетите на играчите и разговорите со клубовите, за 24Ракомет зборуваше за денешниот ракомет, но и за времето кога самиот се бореше на шест метри.
Неговиот ракометен пат почна во Горажде и го одведе преку Борац Бања Лука и Партизан до Куенка, Барселона, Сиудад Реал, Фреденбек, Бидасоа и Загреб. Со Борец го освои Купот на ИХФ во 1991 година. Со младинската репрезентација на Југославија беше светски првак во Риека во 1986 година, во генерацијата предводена од Касим Каменица, а следната година освои и светска бронза во Шпанија.
По играчката кариера остана во Загреб, каде што работеше во клупската организација, како помошник и како главен тренер, а учествуваше и во преговорите за враќањето на Кирил Лазаров. Денес, со Андреј Голиќ, работи во агенцијата „Фестивус“ и се грижи за кариерите на ракометари.
На прашањето дали денес натпревар може да гледа како поранешен играч, или веќе сè гледа со очите на менаџер, Маглајлија вели дека нема само еден агол на гледање.
„Бев и тренер, така што гледам од три страни. Секогаш сакам да седам поблиску до теренот и натпреварот го следам од повеќе аспекти. Гледам одредени периоди, позиции и работи што ме интересираат. Поради тоа, дел од натпреварот ми поминува, а потоа се враќам на снимката за да добијам целосна слика. Во еден момент ме интересира како некој играч се однесува во одбрана, потоа следам друг сегмент. Ја гледам и клупата, однесувањето на играчите на неа, односот играч со играч и играч со тренер. Сето тоа ми е многу важно. Кога подоцна ќе го погледнам натпреварот во помирна атмосфера, ја добивам и сликата за мечот како целина. Тоа е специфичен начин на гледање, но нормално е, сите тие улоги што сум ги имал ме тераат да обрнувам внимание на повеќе конкретни работи.“
За тоа што виде во денешниот Вардар, екипа што само се врати во Лигата на шампионите, или клуб што повторно станува интересна европска адреса – Маглајлија е недвосмислен.
„Вардар е бренд што се градел со години. И во моментите кога финансиски, играчки и резултатски стоеше послабо, остана бренд. На таквите клубови им треба помалку време повторно да дојдат до позиција што е интересна во Европа. Се гледа дека клубот расте. Растат екипата и буџетот, а со изборот на играчите се направени добри потези. Тоа покажува дека станува збор за институција што знае што прави. Имате клуб, град, сала и, пред сè, публика. Сето тоа е многу важно и ѝ ја олеснува работата на управата кога преговара за доведување играчи. Секако, сè зависи и од буџетот. Во тој дел сè уште не може да се натпреварува со најголемите европски клубови. Но, повторно е на сцената и повторно се зборува за него. Никој што доаѓа овде не може да биде сигурен дека ќе ги земе бодовите.“

Тој се потсетува и на сцената по натпреварот со Нант.
„Видовте колку се радуваа играчите на Нант по победата. Скокаа до таванот од среќа. Тоа е повратна информација и за луѓето во клубот, и за тренерот, и за играчите дека се на добар пат и дека треба да продолжат да се развиваат. На крајот одлучуваат нијанси, еден или два шута. Тоа е спортот. Секоја чест за враќањето во елитата и им посакувам сè најдобро.“
Пред десет години Маглајлија зборуваше за Македонија како ракометен пазар во подем. Денес, во споредба со тој период, вели:
„Вардар стигна до врвот на Европа со врвни светски играчи и тренери, а потоа го повтори тоа. Зборуваме за највисокото ниво што постоеше во тој момент. Тука беше и Металург со Лино Червар, кој исто така имаше значајна улога. Во последниот период повторно го гледаме подемот на Вардар. Еурофарм Пелистер го одржуваше присуството во Лигата на шампионите. Самото учество, а потоа и победите во такво натпреварување, се голема работа за ракометот во држава со бројот на жители што го има Македонија. Екипата предводена од Кирил Лазаров има своја линија и стабилност, а тука е и Охрид како сериозна приказна. Лигата е привлечна за играчите. И од аспект на мојата работа, Македонија има една дополнителна вредност што не ја наоѓате секаде: публиката и атмосферата. Овде луѓето знаат да ги ценат ракометот, ангажманот и борбата. Убаво се живее, играчите можат да си ја работат работата, а важни се и меѓучовечките односи во клубовите. Сето тоа влегува во одлуката кога еден играч има понуда. Не е само договорот. И амбиентот, начинот на живот и односот кон ракометот можат да пресудат.“
Но со растот на клубовите и амбициите, поставува се прашањето колку простор останува за домашните млади играчи. Маглајлија признава дека балансот е тежок.
„Тоа не се случува само овде. Кога правите екипа со амбиција да стигнете што повисоко во Европа, ви требаат готови играчи. Најчесто тие се странци. Колку се поголеми амбициите, толку е помал просторот за созревање на младите. Тешко е да се направи баланс. Едниот пат е да кажете: ќе работиме со нашите играчи, со време ќе станат квалитетни, ќе добие и репрезентацијата, а потоа и клубот. Другиот е побрз: имаме пари и сакаме веднаш да направиме силна екипа. Но, тогаш просторот за младите се стеснува. Кирил Лазаров тргна со идејата да ги собере најдобрите млади, да работи со нив и за три-четири години да направи вистински играчи со кои ќе се бори за титулата. Во меѓувреме, Еурофарм Пелистер, Охрид и Вардар вложуваат и носат веќе оформени ракометари. Конкуренцијата оди напред, а од тебе исто така се бара резултат. Тогаш и ти мораш да ја засилиш екипата за да останеш конкурентен. Често ја споменуваме Словенија, исто така мала држава, и зборуваме за нејзиниот систем. Нивните млади играат, а потоа доаѓаат и во лиги како македонската.“
Од Скопје, Маглајлија продолжува за Битола – град што го памети уште од југословенската лига, од гостувања што знаеле да почнат со многу груба игра. Спомените веднаш испливуваат.

„Се сеќавам на навивачот (Мате Шундовски – н.з.) што возеше мотор на теренот во Битола. Ние се загреваме, а тој вози мотор АПН што чади. Такво беше навивањето. Навивачите беа веднаш до тебе, во првиот ред, па летаа и семки. Од денешна перспектива, тоа го гледам како дел од тогашниот наш фолклор. А на теренот имаше дуели со постари и поискусни играчи. Јас млад, веќе повикан во репрезентација, а тие не ти дозволуваат лесно да поминеш. Тоа беа жешки гостувања. Кога ќе ги поминеш, сигурно стануваш поцврст. Во Борац нè подготвуваа за Битола, Лесковац, Заечар и за други такви терени. Имаше домашни играчи што речиси не играа на гости, но дома имаа задача уште на почетокот да го постават критериумот на играта. Нè учеа да не возвраќаме, затоа што токму тоа го сака противникот: да те испровоцира да направиш нешто. Требаше да истрпиш. Ние тоа подоцна малку го ‘надградивме’, па знаевме да возвратиме кога судијата не гледа. Такво беше времето, а тие сали и натпревари останаа во сеќавањата.“
Слично, вели, било и со загрепската „Ледена“, со полната сала и „Бед блу бојс“.
„Со Ињаки Урдангарин (шпанскиот кралски зет – н.з.) бевме и цимери, а подоцна ми ги испраќаше сестра му и децата да ги однесам во ‘Ледената’. Толку слушале за таа сала што сакале да ја видат.“
А дали Маглајлија од најдобрите играчки години би бил уште подобар во денешниот, побрз ракомет, во кој пивотите се позаштитени? Тој верува дека би се приспособил.
„Играчот постојано мора да се надградува, особено на пивотската позиција, каде што топката не ти е постојано во рацете. Мора да се менуваш, да размислуваш и да се приспособуваш на играта. Јас и тогаш бев брз. Со 107 килограми изведував брз центар. Во Шпанија, додека бев во Барселона, имаше период кога се испробуваа промени во правилата и во начинот на игра. Со Карлос Ортега и другите играчи учествував и во тој брз ракомет. Игравме и одбрана 3-2-1, во која мојата позиција бараше многу трчање. Во напад можеби и подобро би поминал денес. Пивотите се позаштитени. Денес за одредено држење се добиваат две минути, а јас понекогаш влечев по двајца на грб и никому ништо. Имав чувство за простор, за тоа каде треба да се појавам и кога треба да се отворам. Тоа се работи што ми беа силна страна. И денес ги гледам тие простори и можности кога следам натпревар.“
На прашањето дали денес има премногу тактички шаблони, одговара долго и аргументирано.
„Читањето на играта беше голема предност на нашата генерација. Постојано игравме три на три, четири на четири. Гледаш, препознаваш ситуација и реагираш. Како пивот треба да препознаеш кога да направиш блок, кога да излезеш, кога да се преместиш и како да создадеш вишок. Денес има многу повеќе тактика. Тоа е добро, но според мене понекогаш ја има и премногу. Ако играчот постојано го ставаш во шаблон, му го стеснуваш просторот сам да ја прочита ситуацијата. А по првиот или вториот фаул, играта повторно се сведува на два на два или три на три. Тогаш индивидуалниот квалитет е многу важен. Не сакам да ме разберете погрешно, и јас како тренер поставував што мора да се игра и која тактика треба да нè доведе до победа. Ако сме работеле одредени решенија, не може веднаш да се оди на некое осмо, а да се заборават сите претходни. Ни на Балиќ не му го дозволував тоа. Сепак, играчот мора да знае да ја чита играта. Денес гледате акција во која пивотот точно знае што треба да направи. Ние многу од тие ситуации моравме да ги препознаеме во самиот момент, да направиме блок или движење со кое ќе создадеме предност. Тука доаѓаше до израз чувството за игра.“

Поминал низ многу клубови, а на прашањето каде најмногу научил, а каде го играл најдобриот ракомет, одговорот е поделен на два дела.
„Како играч се формирав во Борац, од осумнаесеттата до дваесет и третата година. Кога заминав, веќе бев сериозен играч, со освоен Куп на ИХФ и со репрезентативно искуство. Бев подготвен да одам во друга лига и професионално да си ја работам работата. Дотогаш веќе имав изградено некакво свое играчко име. Се знаеше што можеш да очекуваш од мене: четири-пет гола, два-три изнудени седмерци, добра одбрана. Најдобриот ракомет го играв во Партизан, со Јовановиќ. Тогаш созревав како играч. Беа тоа силни дербија, многу публика, борба за трофеи. Се чувствував добро и во одбрана и во напад, и во тоа што го правев за себе и во тоа што го создавав за другите. Често се поставува прашањето што би направиле тие генерации на Партизан и Црвена Звезда во Европа, да немаше санкции. Мислам дека би се играл сериозен ракомет. Најдобра потврда е тоа што подоцна голем дел од тие играчи направија сериозни кариери во странство.“
За тоа колку се учи во соблекувалната и што ја прави таа добра, вели.
„Борац беше како семеен клуб. Мојата генерација релативно млада влезе во сениорскиот состав и на деветнаесет години веќе бевме носители на многу работи. Се знаеше кој што прави и кој за што одговара. Многу е важно кој ја води групата. Кои се главните играчи, кому му ја даваш капитенската лента и колку тој човек може да ги повлече другите со себе. Тоа влијае врз целата соблекувална. Задачата на таквиот играч не е само да го постигне голот и да си оди дома. Има поширока одговорност. Ако си му дал доверба и важна улога, тогаш треба и да ги оправда. Треба да даде повеќе и да повлече. Така се гради соблекувална.“
Денес работи и со момчиња од 17-18 години. На прашањето дали младите имаат премногу очекувања и премалку трпение, и колкава е улогата на родителите, одговара опширно.
„Има различни примери. Начинот на живот влијае врз сите области, па и врз спортот. Но, домашното воспитување е основата. Потоа доаѓаат тренерот, луѓето околу играчот и ние како менаџери. И со тој дел од развојот многу се занимаваме. Разговараме и со родителите. Имаме и негативни искуства, но со текот на времето изградивме агенција што може да избира со кого ќе работи. Мора да се запознаеме, да разговараме и да поставиме правила. Сакаме да слушнеме и друго мислење, но мора да постои доверба во тоа што го работиме. Ако сме покажале дека знаеме како едно момче од седумнаесет години да го доведеме до Барселона или Кил, тогаш треба да ни се дозволи да го водиме тој процес. Имав разговор со една мајка која побара средба, а потоа самата ги поставуваше прашањата и ги даваше одговорите. Што и да кажев, не беше така. Во еден момент ѝ реков: ‘Па, не е Мајкл Џордан!’ Сакав малку да ја вратам приказната во реални рамки. Родителите се субјективни, нормално е да имаат амбиции за своето дете. Но, мора да има мерка. На играчите им велиме: не ги прескокнувајте скалилата. Прво стани играч, потоа ќе градиме кариера. Но, немој поради 500 евра повеќе да седиш на клупа.“
За тоа колку е тешко да му се каже на млад играч дека не е подготвен за некој клуб, објаснува.
„Суштината е во постојаното анализирање. Правиме план врз основа на искуството и на повеќе параметри. Кој е клубот, кој е тренерот, каква е конкуренцијата, во која лига играш, дали си здрав. Можеме да кажеме: сега сме овде, а за две години сакаме да бидеме таму. Но, потоа мора секојдневно да следиме што се случува. Ако кариерата оди побрзо од очекуваното, одлично. Може да биде и обратно – очекувавме да игра дваесет минути, а игра пет. Тогаш треба да видиме што може да се направи. Можеби позајмица, можеби друга средина. Но, основната работа е минутажата. Таа е број еден. Играчот мора да игра. Притоа, мора да знаеш и како разговараш со него. Некогаш треба поддршка, некогаш треба директно да му кажеш каде греши. Важно е пристапот да биде позитивен.“

Меѓу играчите чија кариера ја следи е и Љевар, денес во Вардар.
„Ние знаеме каков бил играчот и зошто дошол во тој клуб. Љевар го следевме во Слован и преку репрезентацијата. Во Вардар не дојде само за да заработи, туку и да напредува. Името на клубот, Лигата на шампионите, тренерот и добриот амбиент треба да му помогнат да стане подобар играч. Јас го гледам токму тој исчекор. Колку се приспособил, колку е опуштен, што прави во напад, што во одбрана, какви односи има со другите. Мислам дека му треба уште малку да се опушти. Има млади луѓе што мислат дека знаат сè и тешко прифаќаат авторитет. Кога јас тргнав во Бања Лука, татко ми ми рече: ‘Ако тренерот каже дека млекото е црно, тогаш е црно.’ Денес односот кон тренерот е поинаков. Но, има и многу момчиња што сакаат квалитетен разговор, сакаат некој да им каже што видел и како можат да бидат подобри.“
Во Загреб учествувал во преговорите за враќањето на Кирил Лазаров, уште пред професионално да стане менаџер. На прашањето дали токму тогаш почувствувал дека преговарањето повеќе му лежи од тренерската работа, вели.
„Не размислував тогаш дека тоа ќе ми биде професија. Шест години играв во Загреб, а потоа останав да работам во клубот. Внатре немаше многу луѓе, па сите работевме сè. Бев задолжен за контакти и состаноци со ЕХФ, а кога ќе дојдеше камион со опрема, ја истоваравме и опремата. Бевме, практично, војници на клубот. Во еден период доаѓаа или се враќаа играчи од Шпанија. Јас го зборував јазикот, ги познавав клубовите, а со дел од тие играчи претходно и играв. Затоа ми беше полесно од позиција на клубот да разговарам со нив, да преговарам и да договарам. Така се случи да ја работам и таа работа. Не беше некаков однапред испланиран пат кон менаџерството. Подоцна Андреј Голиќ отвори агенција, а јас во еден момент бев без работа. Ние сме пријатели и тој знаеше што сум работел претходно. Ми предложи да дојдам и да работиме заедно.“
За тоа каков го паметел Лазаров од тие години, и дали уште тогаш точно знаел каде сака да стигне.
„Киро тоа го знаеше од многу млад. На деветнаесет години веќе беше сериозен играч. Игравме заедно, тој е дванаесет години помлад од мене, а јас веќе бев кон крајот на кариерата. Можевме половина час да играме два на два. Имавме одлична соработка. Тој своите чекори ги правеше на најдобар можен начин. Не знам кој погрешен чекор го направил во развојот на кариерата, во освојувањето трофеи или во финансискиот дел. Киро има компјутер во главата. А за неговите играчки квалитети, има статистика што доволно зборува.“
Во Загреб делел соблекувална и со други македонски ракометари.
„Македонците секогаш ни носеа позитивна енергија. Таков менталитет, таков пристап кон работата. Важни беа и за атмосферата во соблекувалната, во автобусот, во хотелот. Бранко Ангеловски, Ацо Јовиќ, Митко Стоилов, Иван Марковски, Мајнов… Да не заборавам некого. Имаше многу македонски играчи. Со некои играв, со други соработував подоцна, а со сите останав во добри односи. И не само со нив, туку и со нивните семејства што доаѓаа во Загреб. Тие врски ги одржуваме и денес.“
Ако денес имаше врвен македонски талент од деветнаесет години, дали веднаш би го испратил во Бундес лигата, или прво би му рекол да стане важен играч во некој домашен клуб?
„Токму тоа го зборуваме и го правиме со години. Млад играч, особено кога има лига по своја мера во која може да добие минутажа, нема причина да брза надвор. Овде има каде да направи прв чекор. Потоа има и сериозни клубови што играат во Европа, каде што може да го направи следниот исчекор. Зошто би заминал неподготвен? Во странство си странец. Самото заминување не значи дека таму ќе научиш повеќе. Прво докажи се таму каде што си. Стани вистински играч, избори се за место, дојди до некоја од водечките екипи, добиј улога и бори се за трофеи. Кога ќе бидеш подготвен, тогаш оди на повисоко ниво. За мене тоа е патот. Нема потреба да се прескокнуваат чекорите.“

Дали денес има македонски ракометар кого би го препорачал за самиот европски врв? Одговорот е разложен, играч по играч.
„Мораме да бидеме реални. Македонската репрезентација остава добар впечаток, но не е во групата на десетина водечки репрезентации. Не може автоматски да се очекува секој нејзин играч да биде подготвен за некоја од најсилните европски екипи. Митев во овој момент не е играч за Барселона. Кузмановски е играч за кого сметам дека има квалитет да игра во која било екипа. Друго прашање е колку би играл таму и дали би ја имал истата улога што ја има сега. Но, има квалитет да го одработи тоа што тренерот ќе го побара од него. Манасков на левото крило веќе го покажа своето ниво. Пешевски направи сериозна кариера и е добар пивот, но според мене и неговиот досегашен пат покажува до кое ниво може да оди. Да можел да се задржи на повисоко ниво во Германија, ќе останел таму.“

Трансферите сè почесто се договараат година или две однапред. Дали му се допаѓа тоа, и може ли играчот да остане целосно посветен на сегашниот клуб?
„Генерално не ми се допаѓа што се потпишува толку однапред. Но, тоа се случува. И ние мораме да работиме во такви околности, затоа што другите клубови веќе го прават тоа. Ако не реагираш, другите ќе те престигнат. Но, кога зборуваме за високо ниво, зборуваме и за врвни професионалци. Не сакам секој промашен шут или секоја лоша ситуација да ја толкувам како играчот да се чува затоа што веќе има нов клуб. Тоа го исклучувам како почетна претпоставка. Сметам дека вистински професионалец може уште подобро да го одработи периодот што му останува. И поради одговорноста кон клубот, но и затоа што не сака некој да го прозива дека не го дава својот максимум. Тука е важна и процената на клубот. Понекогаш на играчот му требаат уште два месеца за да се врати по повреда. Ако не го земеш тоа предвид, можеш погрешно да процениш.“
На крајот, по толку години како играч, тренер и менаџер, што уште може да го изненади во ракометот? Маглајлија заклучува со мисла што ја носи со себе низ целата кариера:
„Секогаш има нешто ново. Мојата животна филозофија е дека никогаш не си видел доволно за да не може нешто повторно да те изненади. И мене постојано ми се случува да видам нешто што претходно не сум го видел. Очекувам ракометот да продолжи да се развива во позитивна насока, како што веќе се развиваше во брзината, тактиката и техниката. Има фантастични играчи, со физички и технички квалитети што му даваат нова димензија на спортот. Имавме еден Балиќ, а денес повторно гледаме играчи што ја движат играта напред. Младите ги гледаат, се обидуваат, тренираат и учат. Јас сум оптимист. За мене чашата секогаш е полуполна. Верувам дека ќе се случуваат добри работи за ракометот. Многу луѓе сакаат да направат нешто подобро и работат во таа насока. Колку далеку ќе стигнеме и како ќе изгледа сето тоа, не знам. Но, со таков пристап одиме напред.“
Горан Антевски
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























