Мисовски по шест години се врати од Катар: Ми недостигаше адреналинот – дома си е дома  

Поранешниот македонски репрезентативец за 24Ракомет зборува за животот во Доха, работата со голманите, 21 одбрана против Барселона, пропуштената шанса да замине во Загреб, за можноста со репрезентацијата на Македонија да игра на големо натпреварување, и за синот Марко, кој тргнува по неговите стапки. Ќе остане во Македонија дa го пренесе своето богато искуство, или пак повторно ќе замине некаде на печалба.

Петар Мисовски по шест години во Катар се врати во Македонија. Поранешниот репрезентативен голман зад себе остава период исполнет со работа во младинската репрезентација на Катар и во Ал Духаил, со нови искуства и соработка со тренери од различни ракометни школи.

Враќањето има и лична причина. Неговиот син Марко ги прави првите ракометни чекори, исто така како голман, а Мисовски сака да биде покрај него. По години во средина со одлични услови за работа, му недостигало и нешто што не се обезбедува со модерни спортски комплекси – атмосферата на трибините.

„Мислам дека во вистинско време се вратив во Македонија. Имав убаво искуство, работев со тренери како Горан Ѓокиќ, Амброс Мартин и Вања Краљ. Но ми недостигаше адреналинот, полните сали. Во Катар има дерби натпревари, но на останатите салите се празни. Поинаку е на Емир купот, кога салата е полна и чувството е навистина убаво. Интересно е да се игра во таква атмосфера“, раскажува Мисовски за 24Ракомет.

„Влегов во салата и за мене тоа беше научна фантастика“

Катарската приказна почнала со телефонски повик од менаџер. Бил октомври, а можноста да работи во поинаква ракометна средина ја прифатил како предизвик и шанса за тренерски напредок.

„Ме праша дали сум заинтересиран да одам во Катар. Му реков: ‘Да, зошто да не?’ Тоа беше ново искуство. Не знаев точно што ме очекува, но знаев дека таму постојат сериозни услови за работа и дека ќе се бара максимална професионалност. Ме привлече можноста да работам, да учам и да се развивам како тренер.“

Пристигнал во време на коронавирусот, што го направило почетокот специфичен. Сепак, првиот впечаток од спортската инфраструктура останал силен.

„Кога влегов во салата, тоа за мене беше научна фантастика. Главен терен, помошен терен, во друга сала уште два помошни терени, две огромни теретани, базен… Цел спортски комплекс на едно место. Бев пријатно изненаден.“

Покрај инфраструктурата, го издвојува односот кон секојдневната работа. Брзо сфатил дека претходното искуство е добра основа, но дека мора постојано да го надградува.

„Најмногу ме изненадија организацијата и професионалниот однос. Секој детал е важен. Сфатив дека не можам да се потпирам само на искуството што го имам. Мора постојано да се подготвуваш и да бараш решенија. Тоа беше една од првите работи на кои требаше да се приспособам.“

Условите не ја завршуваат работата наместо тренерот

Кога се зборува за Катар, парите и условите обично се првата асоцијација. Но зад секој резултат, вели Мисовски, стои секојдневна работа што не може да ја замени ниту најдобро опремениот спортски центар.

„Условите се важни, но тие не ја завршуваат работата наместо тебе. За да се постигне успех, треба време. Зад секој резултат има многу тренинзи, анализи, разговори и работа со голманот. Мора да имаш трпение и одговорност да најдеш решение. Тоа е професионализам.“

Првиот ангажман го имал во младинската репрезентација. Таму работата зависела и од училишните и клупските обврски на младите ракометари.

„Во репрезентацијата со која работев немаше странски играчи, туку Катарци или играчи родени во Катар. Работевме во одредени периоди, кога играчите немаа училишни или првенствени обврски. Бевме ограничени во тој поглед. Не беше лесно, но искуството што го добив беше големо.“

Подоцна, во Ал Духаил, следувале клупската работа и нови предизвици со веќе оформени голмани. Меѓу нив биле Билал Лепеница и Карим Хендави, со кого соработувал во последните три месеци од својот престој.

„Голманот мора да знае зошто ја прави вежбата“

Довербата меѓу голманот и тренерот, според Мисовски, се гради преку знаење и јасно објаснување на секоја задача. Особено кога работиш со искусен голман, кој веќе има свои навики и добро знае што му одговара.

„Голманот треба да почувствува дека тренерот што работи со него има знаење. Дека тоа што му го кажува и грешките што му ги поправа имаат смисла. Мислам дека голманот најдобро напредува кога знае зошто нешто работи, а не само да го направи. Мора да му објасниш зошто ја има таа вежба и каков ефект треба да постигне.“

Соработката со Хендави ја памети по настапот на азиската клупска сцена, каде египетскиот голман му оставил силен впечаток.

„Со Хендави работевме во последните три месеци. Бевме на Азиската лига на шампионите во Кувајт и го освоивме третото место. Според мене, тој беше најдобриот голман и најдобриот играч во нашата екипа.“

Еден од најдрагите моменти, пак, му е поврзан со натпревар против Ал Рајан во Емир купот. На тренинзите со голманот подготвувале конкретна ситуација – навиката на противничкото десно крило кога презема одговорност во завршницата.

„Цело време му зборував дека, кога сака да го реши натпреварот, шутира во вториот горен агол. Му велев да го затвори првиот агол и да го чека шутот на втората страна. Токму таква ситуација се случи во завршницата. Противникот промаши, кога заврши мечот голманот дојде да ме прегрнавме и да ми се заблагодари. Тоа е еден од моментите што ми оставија најголем впечаток.“

Тие неколку секунди, кога подготовката од тренингот ќе добие потврда на натпревар, за него се посебна радост во тренерската работа.

Кафе со балканските тренери и македонски муабети во Доха

Надвор од салата, животот во Катар го исполнувале дружењата. Во периодот со репрезентацијата имал повеќе слободно време, додека подоцна клупските обврски оставале помалку простор.

„Мора да си најдеш друштво. Имаше многу балкански тренери и кога бевме слободни, ритуалот ни беше да одиме на кафе. Горан Ѓокиќ, Драган Марковиќ, Давор Чутура… Морам посебно да му се заблагодарам на Верољуб Косовац, кој многу ми помогна кога дојдов во Катар. Во првите една-две години поминувавме многу од слободното време заедно.“

Секојдневието барало приспособување и на климата. Голем дел од времето се одвивал во затворени, климатизирани простори.

„Од автомобил влегуваш во трговски центар и таму поминуваш дел од денот. Во салите температурата е од 18 до 20 степени. За храна има сè, од сите можни кујни во светот. Во првите една-две години имаше и македонски ресторан, но, за жал, се затвори. Морам да кажам дека Катар е многу безбедна земја. Вратата од домот никогаш не ја заклучував.

Имало и македонско друштво. Со благодарност ги споменува Владимир, Милош, Ивона, Јасмина и Моника, со кои се гледале кога ќе им се усогласеле обврските.

„Кога имавме слободно време, знаевме да одиме на кафе, да си направиме муабет што се случува во Македонија, каде може да се купи некоја македонска храна. Тие работеа и немаа секогаш толку слободно време за дружење, но си се наоѓавме.“

„Македонија си е дома“, а Марко веќе застана на голот

Одлуката да се врати не била едноставна. Мисовски споменува и одредени несогласувања во клубот, без да навлегува во детали. По шест години надвор од Македонија, почувствувал дека е време за промена.

„Катар ми даде ново искуство, нови предизвици и можност да работам во поинаква средина. Но, Македонија си е дома. Сакам искуството да го пренесам тука, во развојот на младите голмани. Одлуката не беше лесна. Секој клуб има свои проблеми, се појавија одредени работи за кои не сакав да попуштам и решив дека треба да се вратам.“

Во враќањето важно место има и семејството. Неговиот син Марко неодамна почнал да тренира ракомет и ја избрал истата позиција како татко му.

„Мојот син пред три месеци почна да влегува во ракометните води. Марко е голман. Сакам да му посветам внимание и да видиме дали ќе тргне по моите стапки.“

По многу години во кои голот бил неговото работно место, а потоа и простор за работа со други голмани, Мисовски сега ќе го следи развојот на својот син.

Талентот е почеток, потребни се карактер и многу работа

Важен дел од тренерската кариера на Мисовски е Металург. Таму работел со Мартин Томовски, Дарко Арсиќ и Даниел Дупјачанец, голмани кои продолжија да градат кариери и надвор од Македонија.

Кај младите најмногу ја цени упорноста. Во желбата да не се откажуваат и да научат нешто на секој тренинг препознава дел од себе.

„Работев со многу голмани, особено во Македонија. Имаше упорни момци, кои не се предаваа и сакаа на секој тренинг да научат нешто ново. Во таа упорност се препознавам.“

За следниот чекор во кариерата, сепак, потребна е целосна подготовка.

„Се гледаше дека имаат карактер и квалитет, но за следниот чекор не е доволен само талентот. Потребни се континуитет, физичка подготовка, правилна техника и многу работа. На тоа ставам најголем акцент – да создадеш голман што ќе биде стабилен и на тренинг и под притисок на натпревар.“

Пораките од голманите се посебно признание

Потврдата дека работата оставила трага понекогаш доаѓа подоцна, кога голманот веќе е во друг клуб. Мисовски со задоволство се сеќава на таквите јавувања.

„Имав јавувања од Дупјачанец и од Арсиќ, кои ми се заблагодарија по заминувањето од Металург. Имаше и желба повторно да работиме заедно, но така излезе што не се случи. Ми беа благодарни затоа што секој тренинг беше осмислен да им донесе нешто за следниот натпревар, да добијат плус, да имаат повеќе одбрани.“

Токму Металург му ја отворил вратата за тренерската работа веднаш по завршувањето на играчката кариера. Соработката со Лино Червар ја издвојува како значајна за тој почеток.

„Чест и задоволство ми беше што работев во Металург и што три и пол години соработував со Лино Червар. И претходно, додека бев активен голман, работев со помлади голмани, па имав некакво искуство. Почетокот беше малку тежок, но потоа сè беше коректно.“

„Натпреварот трае 60 минути, не е сè решено“

Работата со голманот не завршува со техниката и со анализата на противникот. Важен дел е и разговорот во моментите кога не оди, кога неколку топки по ред завршуваат во мрежата и почнува да се губи сигурноста.

„Секој голман е различен. Се обидуваш позитивно да му објасниш дека ништо не е страшно, дека треба да се концентрира на следните шутеви. Натпреварот трае 60 минути, не е сè решено. Имало моменти кога голман 20 минути нема да одбрани топка, а потоа ќе заврши со 15 или 20 одбрани.“

Затоа, кога зборува за развојот на младите македонски голмани, инсистира на систематска работа и на добро поставени основи.

„Би почнал од основите и од систематскиот пристап. Треба да имаме добра работа со младите категории и јасна методологија. Техниката е најважна – поставувањето, движењето, одбраната. Имаме талентирани голмани во Македонија, но треба да им создадеме правилни услови за развој.“

Скандинавија и Балканот – различни голмански школи

Играчката кариера го одвела во Данска, Норвешка и Шведска, каде запознал поинаков ракометен пристап. Разликите ги чувствувал тогаш како голман, а денес ги согледува и од тренерски агол.

„Во Скандинавија беше специфично, имаше друг стил. Скандинавија има еден пристап, Балканот друг. Мислам дека балканскиот стил е еден од најдобрите.“

Токму од данскиот период издвојува човек што оставил особено силен белег врз него – Пер Вандберг, тренерот на голманите со кого работел во Силкеборг.

„Најмногу научив од Пер Вандберг, кој ми беше тренер на голманите додека бев во Силкеборг, во Данска. Со него имав голем напредок, и на теренот и надвор од него. Тој е еден од луѓето што имаа големо влијание врз мене и врз мојата понатамошна кариера.“

Мисовски посочува дека Вандберг бил и еден од првите тренери на голманот Ландин. Соработката во Данска ја памети како драгоцено искуство во сопствениот развој, многу пред самиот да се посвети на тренерската работа.

Против Барселона со 21 одбрана: „Јас бев воодушевен“

Меѓу натпреварите што остануваат во неговата играчка приказна е и дуелот со Барселона, на кој забележал 21 одбрана. Како дел од Вардар гостуваа во Шпанија, „црвено-црните“ загубија двоцифрено, но навивачите со аплуаз го наградиле Мисовски. Средбите со големите екипи за него биле посебна инспирација.

„Кога ќе влезеш во сала против Барселона, на некои играчи можеби им се пресекуваат нозете. Јас бев воодушевен. Тогаш давав не сто, туку двесте проценти.

Се сеќава дека, кога ќе му се погодел денот, бил тежок противник за шутерите.

„Мислам дека кога имав свој ден беше тешко да се излезе накрај со мене “

Тој натпреварувачки адреналин, големиот противник и атмосферата во салата се нешта на кои и денес се навраќа со задоволство.

Понудата од Загреб останала пропуштена шанса

Во долгата кариера имало и одлуки што денес би ги донел поинаку. Една од нив е поврзана со можноста од Замет да се пресели во Загреб.

„Имав понуда да одам во Загреб, но не знам зошто одлучив да останам во Замет, во Риека. Мислам дека тоа ми е најголемата грешка во кариерата.“

Не ја крие таа дилема, иако оттогаш поминале многу години. Како и кај секој спортист, покрај добрите натпревари и убавите спомени, останува и прашањето што би се случило доколку во одреден момент избрал друг пат.

За Ходик со посебна почит: „Многу научив од него“

На прашањето кого би го издвоил меѓу најдобрите македонски голмани, Мисовски се наврати на Шандор Ходик, со кого ја делел и репрезентативната приказна.

„Не знам дали тука го вбројуваме и Шандор Ходик, бидејќи има македонски пасош. Работевме заедно две години, потоа браневме и во репрезентацијата. Поминавме феноменално и многу научив од него.“

Заедничката работа со Ходик му останала како драгоцено искуство. Денес, кога самиот им помага на голманите, добро знае колку значи покрај себе да имаш човек од кого можеш да учиш.

Разговорот за репрезентацијата отвори и спомени на пропуштените квалификациски можности. Ги спомнува дуелите со Израел и со Унгарија, гостинските порази и домашните победи што не биле доволни за посакуваниот пласман. Имаше Македонија шанса да се пласира на големо натпреварување, но, за гол-два не се оствари поскауваното.

Тие натпревари и денес ги памети со жалење, со чувство дека Македонија можела да направи повеќе.

„Тоа е голем минус за македонскиот ракомет, но одиме понатаму“, вели Мисовски.

Искуството сака да го пренесе на следната генерација

Мисовски се враќа во период кога првенството веќе почнува и кога можностите за нов ангажман се поспецифични. За следниот чекор најважни му се условите за квалитетна работа и просторот да придонесе во развојот на голманите.

„Нормално дека сакаш да работиш со квалитетни голмани, со луѓе што имаат капацитет да станат добри голмани. Во Македонија секогаш имало одлични чувари на мрежата. Сакам да се создаде нешто што ќе биде корисно за младите, да ѝ се помогне на следната генерација.“

По шест години во Катар, желбата за работа останува. Следниот предизвик сака да го гради со искуството што го носи дома, но и со можност самиот да продолжи да учи.

„Ситуацијата е специфична, почеток е на првенството. Да сме здрави и живи. Сакам да имам добри услови за работа и да можам да напредувам како тренер.“

Петар Мисовски – 105 репрезентативни настапи и кариера во седум земји

Дома се враќа со искуство од 23-годишна играчка кариера, 105 настапи за сениорската репрезентација на Македонија и повеќе од една деценија работа како тренер на голмани. Ракометниот пат го водел низ седум земји, низ различни школи и соработки што подоцна влијаеле и врз неговиот тренерски пристап.

Почнал во Работнички, а на домашната сцена бранел и за Повардарие, Пелистер, Вардар, Металург и Пролет. Во Хрватска настапувал за Рудар Лабин и Замет, а потоа ги запознал и скандинавските ракометни средини преку Силкеборг во Данска, НИТ ХАК во Норвешка и Трелеборг во Шведска. Дел од кариерата поминал и во словенечки Меркур Шкофја Лока и турски Једитепе од Истанбул.

По завршувањето на играчката кариера остана покрај голот, овојпат како тренер. Од 2015 до 2020 година работеше со голманите на Металург, соработувајќи со Лино Червар, Александар Јовиќ, Зоран Кастратовиќ…Беше дел и од работата во Спортската академија, како и од подготовките на македонската сениорска репрезентација за Светското првенство во Франција во 2017 година. Со Металург го освои Купот на Македонија во сезоната 2018/19 како член на стручниот штаб.

Низ неговите тренинзи поминале Мартин Томовски, Дарко Арсиќ, Даниел Дупјачанец, Никола Даниловски и Предраг Мијатовиќ. Дел од нив подоцна продолжиле во силни европски првенства – Томовски во германски Лудвигсхафен, Арсиќ во француски Трембле, а Дупјачанец во полски Азоти Пулави.

Катар донесе ново поглавје, прво со младинската репрезентација, а од 2024 до 2026 година и во Ал Духаил. Со клубот ги освои Купот на Катар и Емир купот во 2025 година, а во 2025 и 2026 година стигна до третото место во Азиската лига на шампионите.

Практичното искуство го надополни со диплома од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје и тренерска лиценца од трето ниво преку РФМ. Своето знаење го пренесуваше и како предавач на тренерски семинар. Сега сака повторно да го стави во функција на македонскиот ракомет доколку добие шанса, или повторно заминува на гурбет во странство.

Горан Антевски

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗