Субашевски пред Охрид: Противникот е фаворит, но ние нема да се предадеме!

Бутел Скопје утре го очекува натпреварот од третото коло во Супер машката лига, а во салата „Антон Димитров“ доаѓа актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, екипата на Охрид.

Бутелци досега запишаа реми со Младост Богданци и пораз од Тиквеш, а левото крило Дамјан Субашевски вели дека ваквите натпревари со силни и амбициозни тимови се големо искуство за младата екипа на Бутел Скопје.

„Ваквите натпревари се големо искуство за нас. Охрид е фаворит,тоа е факт. Имаат многу квалитетна екипа и голем ростер, но ние играме на домашен терен и сигурно нема да се предадеме. Ќе дадеме максимум, па ќе видиме што ќе ни донесе натпреварот. Имаат квалитетни играчи на сите позиции. Мора да бидеме максимално концентрирани во одбраната и во нападот затоа што секоја наша грешка можат брзо да ја казнат“, вели Субашевски.

Бутел Скопје ова лето почна нова страница во клупската историја и е предводен од легендарниот Стојанче Стоилов.

„За нас е голема чест и задоволство да работиме со Стоилов. Сите знаеме што постигна во кариерата и колкаво искуство има. Мислам дека тоа многу ќе ни помогне, особено на млада екипа како што сме ние. Што се однесува до амбициите, не започнавме баш како што посакувавме, но сезоната е долга. Имаме уште многу натпревари пред нас, ќе работиме напорно и ќе се обидеме да го поправиме впечатокот и да стигнеме до нашите цели“, заврши Субашевски.

Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Охрид се игра утре во салата „Антон Димитров“ со почеток од 17:00 часот.