Имаат буџет од 13 милиони евра – а вработени плаќале разни трошоци од свој џеб!

Еден од најбогатите женски ракометни клубови во Европа се соочува со необична финансиска ситуација. Во ЧСМ Букурешт вработени понекогаш сами покривале трошоци за службени патувања, а дополнителен проблем се појавил и со кириите за дел од новите ракометарки. Од клубот уверуваат дека платите се исплаќаат редовно.

ЧСМ Букурешт располага со буџет од околу 70 милиони леи, односно 13,3 милиони евра за 2026 година, но и покрај огромните средства, романскиот гигант се соочува со внатрешни финансиски и административни проблеми.

Според информациите на романскиот „ГСП“, поради бирократски процедури и надминување на претходно планираните трошоци, во одредени случаи вработените во клубот морале сами да плаќаат дел од расходите при патувањата на екипите.

Станува збор најчесто за тренери или раководители на секции, а според изворите на романскиот медиум, за дел од трошоците се чекало и по два-три месеци за рефундација.

Генералниот директор на клубот, Јулијан Пислару, потврди дека имало вакви случаи, но нагласи дека ситуацијата не е толку драматична како што се претставува.

„Имаше случаи кога некој плаќаше од свој џеб, затоа што првичната проценка за одредени патувања беше надмината. Но тие трошоци се рефундираат приоритетно. И јас лично сум давал пари во такви ситуации кога немало кој друг“, објасни Пислару.

Тој посочи дека нема големи долгови по оваа основа и дека најважното – платите во клубот се исплаќаат навреме.

Уште поинтересен проблем се појавил кај женската екипа. При составувањето на договорите со дел од странските ракометарки, особено со оние кои пристигнаа ова лето, наводно не биле одделно предвидени средства за плаќање на нивното сместување.

Поради тоа клубот сега административно има проблем да ги покрие трошоците за кирија, што предизвикало незадоволство кај дел од ракометарките.

ЧСМ Букурешт летово донесе осум странски ракометарки – Дарја Дмитриева, Перниле Бранденборг, Доротја Фалувеги, Ченге Кучора, Тира Акснер, Јени Карлсон, Матилда Форсберг и Катрин Габриел. Според информациите, сличен проблем има и со дел од романските ракометарки кои не живеат во Букурешт.

Не станува збор за класична финансиска криза во која клубот нема пари за плати. Проблемот повеќе е поврзан со начинот на кој се планирани и администрирани одредени расходи. Токму затоа целата ситуација е необична – клуб со еден од најголемите буџети во женскиот ракомет има средства, но во одредени случаи не може веднаш да ги искористи поради бирократски и договорни пропусти.

ЧСМ Букурешт, сепак, одлично ја започна сезоната. Екипата предводена од Бојана Поповиќ победи на првите два натпревари во Лигата на шампионите, против Крим и Будуќност.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗