Се подготвуваа во Македонија и станаа шампиони на Африка!

Репрезентацијата на Египет продолжува со доминацијата во африканскиот младински ракомет. „Фараоните“ ја освоија титулата на Африканското првенство за младинци, откако во драматично финале го совладаа Тунис со 31:29.

За Египет ова беше четврта последователна титула, а вкупно 15-та во историјата на ова натпреварување. Египќаните до трофејот стигнаа без пораз.

Египет ги одработи подготовките за настапот на младинското континентално првенство во Македонија, и покрај тестовите со многу од нашите екипи, беше дел и од меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ каде запиша три порази и беше претпоследен.

Тунис имаше подобар старт во финалето и на пауза замина со предност од 14:11. Сепак, Египет одигра одлично второ полувреме и со серија од 6:1 успеа да направи пресврт и да поведе со 19:17.

До крајот, Египет ја контролираше предноста, а девет минути пред последниот свиреж стигна и до највисоките четири гола разлика (28:24), со што практично го реши прашањето околу победникот.

Јунак на египетската победа беше голманот Мустафа Бајуми, кој запиша 13 одбрани. Најефикасен беше Јахја Алкорди со седум погодоци, додека Јусеф Лаолуа постигна шест. Во мечот за бронзениот медал, Нигерија ја совлада Ангола со 24:19.

Најефикасен ракометар на првенството беше Нигериецот Сака Мукта, кој постигна 52 гола на шест натпревари.