Старт на Првата женска лига – Овче Поле СУ прв фаворит за место во елитата

Овој викенд со три натпревари ќе стартува и Првата лига во женска конкуренција, во која ќе играат седум тима.

Иако требаше да играат осум, по откажувањето на Куманово од суперлигашката конкуренција, Деспина доби шанса да биде дел од елитата, па Првата лига остана со екипа помалку.

Прв фаворит за пласманот во Супер лигата е Овче Поле СУ, кој го задржа најголемиот дел од кадарот од минатата сезона, а го дополни со уште неколку имиња.

Интересно е да се види на дело екипата на Гевгелија Југ, која доби две ракометарки со суперлигашко искуство – пикерот Нина Попова и десниот бек Јасмина Попова.

Нов тим во Првата лига е Струга под водство на некогашниот селектор на кадетките, Владимир Паноски, па ќе има градски двобој со Стружанка, која ја загуби Еџе Сејадин, една од најдобрите ракометарки. Јехона, Шампион и Астибо ќе играат практично со пионерско-кадетски екипи и тешко дека ќе се вмешаат во битката за високите позиции.

Прва лига, 1 коло:

12/09, 16:30, Стружанка – Овче Поле СУ
12/09, 20:00, Гевгелија Југ – Шампион
13/09, 16:00, Јехона – Струга
Астибо слоб.